Исток нѐ отпиша, Запад не нѐ запишуе

Зборот пес не лае (Жерар Женет)

(Или како економскиот „отворен Балкан“ лесно може да се претвори во затворен идеолошки балкон)

„Исток нѐ отпиша, запад не нѐ запишуе“, гласи антологиската реплика на легендата на македонското актерство, Душко Костовски, која ја изговара во филмот „Среќна нова ‘49“. Некои реплики остануваат зариени како срчи во сеќавањето на гледачите и по нив се помнат цели филмови. За XX и XXI век тие реплики се истото она што биле поговорките за Миладиновци и за XIX век. Компримирани хумористични или саркастични вистини, посебно карактеристични за духот на балканскиот филм. Кој не се сеќава на оној посмртен говор од „Маратонците го трчаат почесниот круг“, кога над гробот на Големиот Погребник Пантелија (алузија на секој владетел), постар и од бога, еден од потомците, кој се надева дека ќе биде востоличен за негов наследник, прави класична фројдовска грешка (Freudian slip): „Сега, кога најпосле умре… во цветот на староста“.
Таквите досетки ги помниме како вистини за животот и луѓето: тоа се апофтегми на нашата генерација. Но нашите деца не ги помнат, ниту наоѓаат нешто хумористично во тие ПОЛНИ зборови, зашто живеат во галаксија на исцицани зборови. Ми се чини дека со сѐ помасовно воспитување во западниот некритички и лицемерен дух, придружен со хероинското навлекување на ИТ-придобивките, Балканците стануваат сѐ помалку луцидни. Некритички усвојуваат празни „европски“ флоскули, дури и очигледни контрадикции како врвни мудрости, на кои за кратко време се навикнуваат, па тие им стануваат најприродно нешто. Таква е празната синтагма „Западен Балкан“. Тоа ни кај тапчовци не проаѓа, ама кај нас помина, благодарејќи им на машините за затапување: партиите.

Многумина веќе се шегуваа со тие бесмислици, преку кои Запад буквално ги понижува не само балканската наука туку и ПРИРОДНАТА интелигенција на секој Балканец. Општо место е онаа „шега“ (а вистина), која вели дека ако од западниот исток тргнеш на југ, ќе дојдеш до Северна Македонија. Ова покажува дека Запад е ковачница на лажни идеолошки називи за традиционалните географски поими: таква стравотна идеологизација на географијата, на страните на светот – не е видена во историјата на тоталитаризмот.
А ние, „примитивци“ од Балканот, веруваме дека ако нѐ крстат со придавката „западен“, сме на чекор поблиску до нив, сјајната човечка надраса на Европа; веруваме дека ако се викаме Северна Македонија, сме поблиску до нордиско-скандинавските земји. Се мајтапат со нас тие, како балканскиот шпион Данило Бата Стојковиќ во златните години на балканскиот филм: „Ако убаво се извиниш, брат ми Ѓуро ќе ти прости што те тепаше“, гласи неговата антологиска реплика, идеална слика на она што денес Европа нам ни го кажува! Каде се загуби таа наша итарпејовска луцидност да ја препознаваме вистината макар и низ хумор? Зошто слепо веруваме во слогани без да ги провериме логиката и вистинитоста? Земете го слоганот „Едно општество за сите“. Тој нема никакво значење за да биде препознаен како посебност на една политичка партија, зашто е општ ПРЕДУСЛОВ за демократија: кога би постоеле повеќе општества за сите, тоа би било сегрегација, а не демократија. Зад тие празни зборови се крие МАНИПУЛАЦИЈА: станува збор за едно општество за сите… (ПАРТИСКИ) НАШИ. Не за „ненашите“!
Така, си стоиме во времето, заглавени во „среќната“ 1949 година и едно ново Информбиро, со она „Исток нѐ отпиша, запад не нѐ запишуе“ (кажано во скопски предвоен и повоен сленг: „влегуе“, „излегуе“, „запишуе“). Таа реченица полека ја изговараат дури и до вчера најжестоките еврофили од СДСМ, разочарани од неисполнетите ветувања на Европа (дури и Радмила Шеќеринска). Полека ни се отвораат очите за празните зборови на материјално полниот Запад.
Една таква празна флоскула е, за жал, и „отворен Балкан“, без разлика колку Заев му се лутел на Пендаровски затоа што и тој мисли дека е во прашање „фалична идеја“. Тоа личи на прекрасна економска идеја. Но доволно е само елементарно да се „загребе“ по привидната логика, за да се открие празната флоскула.

За каква економија може да стане збор меѓу гладни држави? Што ќе разменуваат копуци дури и да можат да ја минат границата и без лична карта? Леб и вода? Отворената врата од одајата на питачот не му значи многу на друг питач. Веројатно свесни за контрадикцијата „безимотни трговци“, творците на „проектот“ ја ставиле и придавката „отворен“ во насловот. За кого е отворен тој сиромашен Балкан? Се разбира, за надлуѓето од Европа: сакаме да им кажеме дека вратата кај нас им е СЕКОГАШ отворена. Дланката на питачот е секогаш отворена, посебно за богаташите. Но дури и да има економска логика во некаква трговија меѓу питачите, зар никој не сфаќа дека со оваа идеја за „отворен“ Балкан САМИТЕ им дадовме стап со кој можат да нѐ бијат? Постои опасност идејата за економска унија на шест земји, Европа и САД да ја злоупотребат за политички цели. Тоа е идеална ПОЛИТИЧКА „алатка“ со која можат и натаму да одолговлекуваат со приемот на „Западен Балкан“ во ЕУ. Како? Еве како: Македонија исполни сѐ и одамна заслужи прием во ЕУ, па сепак се најде изолирана во контејнерот наречен „Западен Балкан“. Сега, на изолираните може да им се постави невозможниот услов – или сите, или ниеден. Така, Македонија, и да го реши проблемот со Бугарија, ќе мора да чека додека Србија се разбере со Косово. А тоа ќе се случи на куково лето. Неодамна, висок американски претставник укажа ТОКМУ на тоа: отворен Балкан има европска иднина само ако сите шест „економии“ се поврзат во една. Излегува дека сега го бараат од нас она што го растурија: една нова, „мала економска Југославија“; но како кога Косово и Србија се во жестока политичка и економска војна? Зар пак не ја гледаме целината – целта е да не влеземе кај нив, зашто очигледно нѐ перципираат како варвари.

Она што го перципираа како „европско“ (наследството на Австроунгарската Монархија) си го зедоа – тоа се Хрватска и Словенија. Ние сме, очигледно, за нив опасен варварски Исток, иако нѐ честат со идеолошки семиотички лижавчиња како „ЗАПАДЕН Балкан“.
Затоа, да си признаеме: „исток нѐ отпиша, запад не нѐ запишуе“. Она што за нас е „отворен Балкан“ (секоја балканска држава отворена кон секоја друга балканска држава, а со тоа отворена и кон Европа), за Запад е затворен балкон. Соѕидан балкон. На него ќе се чува „ѓубрето“ на кое не му е местото на Запад. Нека си стои таму, на едно место собрано, херметички затворено, додека не се најде чаре да се дислоцира или запали, како што обично и се прави со ѓубрето.
Затоа, да се свртиме прво кон себе и кон нашето единство.