Иродовата гозба во Ерусалим и во Преспа (4)

Или танцот на Саломе со пресечената глава на Јован Крстител и на Македонците

Беше испразнет огнот од огнот, и пепелта загосподари со сè што има искра на живот во себе. Тоа се случи по Иродовата гозба во Преспа, кога муграта на која се надеваше бескрајниот утопист Рацин го искачи врз рамената Црното Сонце на светската ноќ да стои како заковано во нејзиниот демонски зенит сè до свршетокот на светот. Ама со неговото востоличување го покри како мртовечки чаршаф светот и еден страшен мртовечки молк сличен на оној пред огласувањето на американските бомбардери на обновениот фашизам по Хитлер над Хирошима и Нагасаки. Молк послан зад бескрајот на простор-времето. Во него одвреме-навреме се појавуваше сал еден остер елиптичен крик, како оној на Марија што го оплакува Исус во „Свети Пантелејмон“ во Нерези, или на Рахела, која тажи над мртвите деца во Марковиот манастир. Крикот што без да знае Мунк легна и во неговата култна слика. Да. Ама тука беше и оној тажаленски крик полн со искон на тажачките црнориски од река што го оплакуваа Кузмана убиен од Гегите, кои несигурни дека го завршиле својот темен опус мунди сè уште го доубиваат него.

Молк на Материјата и Духот. Само глуво завивање на Волчицата на смртта низ испустените македонски села и цркви под централното кубе на Седржителот и престолните икони на Дичо Зограф заборавен од македонските академици на нивната мртва Енциклопедија. Зографот што по некој случај да беше жител на Брисел ќе беше славен исто како Леонардо и Рафаел, а можеби и повеќе од нив. Космички молк, а молк и на тажалките од Река со столетија што сал е сведнат над мртовечки одер и сал оплакува. Молк на материјата и Духот. И удира камениот бран на смртта во ледениот брег на ѕвездите и во челото на ангелите и светците во македонските цркви, кои ги разјадува влагата и ронејќи се заедно со малтерот паѓаат во бездната на Ништото: нирвана од која се крева чадот на златото на меморијата на Прапостоењето, кое сега му е забрането на Столченото Племе на Иродовата гозба во Преспа.

Да. Но дали по ова злосторство сега ќе биде посреќна Европа со дијадемата на Вашингтон околу челото што се распаѓа, посреќна по она темно усекование на главата на Македонците во Преспа; дали ќе биде посреќна затоа што ги одведе наместо на свадба во мртовечница на закоп нивните венчални ружи што го креваат педа повисоко небото во јуни и што ги бојат со злато и со пурпур потковиците на сватовските коњи? Дали? Илјадници пати дали ќе биде посреќна затоа што го завитка во мртовечка прекровка Сонцето да не ги грее Македонците, заклучувајќи го со Северниот Катанец на смртта: посреќна затоа што го налегна со темница нивното летно пладне полно до врв со пчели, улишта со мед и со Словото Господово, со расприкажани воденици и бакнежи на љубовниците преполни со пород, кој само што се зачнал, а веќе е подготвен од Европа ножот на смртта за Него. Безброј пати дали, оти легнала страшно светската ноќ како сенката на Каин врз срцето на човекот; Ноќта што сакаше да ја разнесе на парампарчиња Рацин со динамитот на Белите Мугри, ама тие што сега ја пресекоа главата на Македонците го отстранија него пред да експлодира со сета божествена моќ на светлината. Ама, без разлика на тоа, поетот даде пример, ја покажа патеката кон ангелското на која посочи Климент.

Дали ќе биде по Иродовата гозба во Преспа посреќна Новата Саломе Европа, оти сега по усекованието на главата на цел еден мартирски народ што се случи таму, покрај неговата низ темната вселена со спепелени ѕвезди се тркала и златната глава на човештвото, златна од златото на сиромаштијата што ги здебели банките на западните профитери, додека колне како крвта на Авел крвта на понижените и навредените. Така. И нема утеха по она што го рече Исус на Гора дека неутешните ќе бидат утешени и тажните исполнети со радост како праведниците во гробот што ги виде апостол Јован во Откровението, кои ги замоли Господ да почекаат уште малку додека не се пресмета со Сатаната. А таа молба им ја упати и на Македонците по колежот во Преспа, до еден Трпевци и Трпани, оти е подготвено и за нив место на свадбата на Јагнето во небесниот Ерусалим, а пред вратите заклучени на Рајот стои вагата на Страшниот Суд што ќе ја мери секоја прашинка на злото на оние што ја подготвија мрачната гозба во Преспа, фарисеите и јудите што не го препознаа ни спознаа Словото на радосната вест. Тие што го влечат од Гетсеманија наваму бакнежот Искариотски на смртта низ светот и што стигнаа со него како глувци што разнесуваат чума и во Македонија.

Така. И рече на крстот на Голгота Исус „Свршено е“, како што рекоа по усекованието во Преспа и Македонците. Да. Ама тој свршеток е Новиот почеток за праведните низ чија рана излегува сонцето на обновата, а крај е, смрт за Иродите и Јудите на Цивилизацијата што го туркаат човештвото во гроб, во мрачна бездна. И плиска огромниот бран на тагата и болката од едниот на другиот крај на бескрајот, и свири низ напукнатото небо црниот ветер на смртта низ голото стрниште во срцето на човекот. Nocturno, de profundis, mementо mori, и ниеден житен клас во скудните ниви на раната што клука сега не пее хиерогамиски песни и не мелат свадбарско брашно водениците во испустените македонски села над кои паѓа модрата сенка на ластовичиното јато што се сели зад ридовите на тагата. Преполни се со духот на предците и прапредците празните одаи во куќите во нив, со пресушени каци и вински бочви некогаш полни со свадбарско пијанство и песни, со пајажина и молци што ги раздвојуваат дабовите греди и основата на постоењето на времето и светот.

И нема утеха сè до Судниот ден кога ќе станат Праведниците од гробот облечени во бела руба, небаре извадена од чеизот на македонските невести, и ќе појдат со спотнат седумосмински такт во срцето на свадбата на Јагнето горе, во градот распослан на четири реки и кренат од скапоцени камења само, а понекој меѓу нив е донесен и од Плетвар, од Река и од Малешевските Планини, од Негрево каменот по кој газеле стапките од светлина на едно длабоко Дете. И таму на таа свадба ќе ги донесе Саломе од Ерусалим и од Преспа и пресечените глави на Јован Крстител и на Македонците во сребрената чинија и ќе ги положи пред Господ пред да биде испратена како гостинка во царството на смртта, а Јован и Македонците ќе го почнат свадбарското оро со оној екстатичен македонски ороводен извик И-и-и-их! кој алка за алка, врзувајќи го синџирот на Сепостоењето, за рака се фаќа Сè: од металите во рудите подземи до ѕвездите на Небо горе, и како потоп од светлина го поклопуваат светот испразнет од злото и ослободен од канџите на смртта на Иродовата цивилизација што легна на Запад и што го зграпчи сонцето на заод, што го закла и што го прекри човештвото со чаршафот на најтемната ноќ во која таа најдобро се снаоѓа оти е чедо на Сатаната. Затоа сега, по колежот на децата во Витлеем, на Грамос и на Вичо, и по усекованието на главата на Крстителот во Ерусалим и на Македонците во Преспа нека го прими заслуженото од Господ таа. Нека сега праведните танцуваат по толку страдања од неа со нејзината глава, оти го заслужува тоа. Амин!

(крај)