Името Македонија од античко време до денес

По пропаѓањето на античкиот свет и менувањето на политичката состојба како на Балканот така и во цела Европа, почнуваат процесите на етногенеза на современите народи, при што со симбиоза на староседелците и новодојдените се создаваат денешните народи – во Македонија тоа се Античките Македонци и словенските племиња, во Бугарија Тракијците, Словените и Бугарите, итн.

Името Македонија ги влече своите корени од античко време и се користи за означување како на земјата така и на политичките творби на таа територија почнувајќи од кралството на Античките Македoнци, римската провинција Македонија, сѐ до Р. Македонија, што значи дека името има географскo-политичкo значење. Во легендите е запишано дека народот и земјата биле наречени според предок по име Македон. Најстарите зачувани извори за Македонија и за Античките Македонци, се однесуваат на 8-7 век пр. н.е.
Во пишаните извори, старогрчките и римските автори прават јасна разлика меѓу Античките Грци (Хелените) и Античките Македонци. За Античките Грци, Македонците биле варвари, впрочем како и сите други народи што зборувале неразбирливо, односно брбореле на јазик што бил различен од хеленскиот (старогрчкиот).
За волја на вистината треба да се каже дека почнувајќи од 4 век пр. н.е. Македонците понекогаш се вбројувале во иста група со старогрчките (хеленски) племиња, но и да се објасни дека тоа е со културолошко значење, што многу убаво го има кажано еден од најголемите атински беседници Исократ, во неговиот панегирички говор од 380 год. пр. н.е.: „..Попрво Хелени се нарекуваат оние што го имаат нашето образование, отколку оние што имаат исто потекло со нас“.

Имено, со издигнувањето на Атина како поморско-трговски полис (град-држава) и ширењето на атинската моќ во источното Средоземје, јонско-атичкиот дијалект се наметнал како јазик за меѓународна комуникација како во трговијата, дипломатијата, така и во литературата, и се нарекувал заеднички дијалект (koine dialektos). Тоа се гледа и од фактот што во империјата на Александар Македонски, создадена со походот на Исток, коине бил службен јазик, зашто народите од Балканот и од Азија со векови пред тоа комуницирале на тој јазик. На судењето за велепредавство, обвинетиот Филота му одговорил на Александар дека ќе зборува на старогрчки за да го разберат и оние што не се Македонци, по што Александар рекол дека „Филота го презира нашиот јазик‘‘. Во војската, пак, главно се користел македонскиот јазик зашто главнината ја сочинувале Македонци – имено по барање од Александар до крајот на походот му биле испраќани одреди од Македонија. Во пишаните извори има податоци дека на Македонците им бил потребен преведувач за хеленскиот (старогрчки), како и за илирскиот јазик, што јасно ја покажува посебноста на Античките Македонци.

Друг пример од античко време за користење службен јазик различен од јазикот на носителот на државноста е Персиското Кралство каде што службен јазик бил арамејскиот, а не персискиот. Хетите, пак, пишувале со клинесто асирско писмо. Значи два народа со индоевропско потекло (Хети и Персијци) пишувале едниот со писмо, а другиот на јазик што не само што не се индоевропски, туку се од различна јазична група – семитската! Ова покажува дека користењето јазик со меѓународен статус за комуникација со другите, во античко време не ги одразувала етничката припадност и потекло на носителот на државноста. Македонците од времето на Александар Македонски сѐ до римско време биле главен фактор на политичката сцена во источното Средоземје и во англосаксонската литература овој период се нарекува македонски период (macedonian period). Во германскиот јазик и јазиците што биле, или се, под негово влијание се користи терминот хеленизам (Helenismus) воведен од германскиот историчар Г. Дројзен за да се разграничи периодот на класичната, хеленска (старогрчка) култура, од новата култура создадена со мешање на трите култури создавани од Македонците, Хелените и староисточните народи, од што произлегла нова, оригинална култура, наречена хеленистичка, поради хеленскиот јазик на кој се ширела. Но, во повеќето современи јазици (англиски, француски и др.) терминот хеленизам, првенствено значи „хеленство/грчкост“ односно „хеленска/грчка цивилизација“ и „хеленски/грчки дух“ во поширока смисла на зборот, та затоа во овие јазици за посткласичниот период се користат синтагмите хеленистички свет (le monde hellénistique, the hellenistic world); хеленистичка цивилизација (la civilisation hellénistique) итн.

Со издигнувањето на римската држава – новата политичка сила во западното Средоземје – судирот за превласт во Средоземјето со македонските кралства во Македонија, Мала Азија, Египет, бил неминовен. Поразени во три т.р. Римско-македонски војни (215-205; 200-197 и 171-168 год. пр. н.е.) Македонците и другите народи на Балканот, меѓу нив и Хелените, цели пет века биле под римска власт со статус на провинција и со латински службен јазик. Во почетокот, сите новоосвоени територии на Балканот биле приклучувани кон римската провинција Македонија (на север до Дунав, на исток до Црно Море, на запад до Јадранско, а на југ до Средоземно Море), а потоа одделувани во посебни провинции, при што бил применуван етнички принцип. Единствен исклучок од овој принцип е западната граница на римската провинција Македонија, а тоа бил брегот на Јадранско Море, при што ја опфаќала цела јужна Илирија, која од времето на Филип Втори повремено била под македонска власт. Другата причината била избегнување административни препреки на најкраткиот сувоземен пат од Италија до Мала Азија, Егнатискиот пат (Via Egnatia). На исток, пак, од делот на тракиските области што биле под македонска власт, како и од другиот тракиски дел била формирана посебна провинција со природна граница меѓу Македонија и Тракија, на реката Места.

По пропаѓањето на античкиот свет и менувањето на политичката состојба како на Балканот, така и во цела Европа, почнуваат процесите на етногенеза на современите народи, при што со симбиоза на староседелците и новодојдените се создаваат денешните народи – во Македонија тоа се Античките Македонци и словенските племиња, во Бугарија Тракијците, Словените и Бугарите, итн. Патописците од западноевропските земји што патувале во отоманска Турција го користеле античкото име Македонија за народот на територијата на античка Македонија, и тоа име опстојало до ден-денес, иако историската територија на Македонија по Балканските војни беше поделена меѓу четири држави, а по отцепувањето на Косово, современите Македонци живеат во пет држави.

(Авторката е професорка по историја на УКИМ)