Гетсеманската градина (2)

Записи во несоница

Го полазија морници Синот Божји, оти веќе заглушувачки како вознемирено море бучеше судбината во неговата крв, и им свика на апостолите со оној силен космички глас со кој го скорна и Лазар од гробот: „Што сте се успале во мртовечки сон, зарем толку уморот ве налегнал со рамнодушност додека јас се молам, кога духот е јак, а телото слабо и треба да му се подаде рака за да се охрабри. А кај вас затаил тој иако уште долг пат ве чека и мачни искушенија. Зарем не ви е јасно дека мачилиштето светско е кренато не само за мене туку и за вас?“

Му беше жал, ама го рече тоа додека веќе се вртеше во делириум иглата магнетна на бурата што го влечеше од подземје хаосот кон градината горе полн со мрак и метални ѕвезди, алата што го држеше меѓу заби ножот крвнички на смртта. Доаѓаше, се ближеше тој хаос како црн топот на коњицата на ноќта, доаѓаше од усните на Јуда Искариотски, хаосот што го позна Синот Божји на Тајната Вечера на која на грешното и потонато во злосторство човештво му ги раздаде за причесна крвта како вино и телото како леб на вечниот живот. И дојде конечно тој проклет миг преполн со столетија на страдање и зло, се приближи Јуда до Него, го бакна во образ и тоа беше знак да го фатат римските војници под рака и да го поведат кон Голгота. Се случи тоа негде пред трети петли, пред мугри кога апостолите се изгубија во мрачката на недоумицата и стравот; и кога трипати се откажа од Него Петар, карпата таксана за Црквата-Невеста Христова што ќе го воспева Синот, а која потоа цивилизацијата ќе ја престори во бордел. Но Тој прости оти беше проштевање и љубов. Само тоа.

Ништо друго. Оти знаеше дека созданието на Отецот е слабо и не е стамено како атомите на материјата, која е сама по себе, од ситното зрно песок до планините и ѕвездените јата на Млечниот Пат, бескрајна кантата што го слави постоењето и никогаш не ја мачи меланхолија ни депресија. Света твар од која Бог го создаде според својот образ и најмилото создание, ама не знаеше дека тоа ќе крикне: „Боли!“ веднаш откако Светиот Дух ухна во неа и ја оживеа очовечената глина. Не го беше предвидел тој крик на болката Тој, кој беше толку силен што го сви во елипса кругот на неговата микрокосмичка и макрокосмичка слика. А потоа е јасно што се случи, оти остана да лебди во воздух прашањето со име Судбина: дали негде при создавањето Творецот не направил некоја фатална фабричка грешка заради која, за да ја поправи неа, и Синот е сега во Гетсеманската Градина, го прима без отпор бакнежот полн со змиски отров на Јуда Искариотски, а потоа го зеде крстот и се искачува со него на Голгота. Грешката заради која беше одлачено од ливадите на рајот Јагнето Господово и му беше предадено на ножот на неблагодарното човештво, и пак за негов спас, по што не се избриша крвавата лузна од тој суров колеж ниту на небото по воскресението за што нè известува и Јован во Откровението.

Се збидна тој хаос црн на злото, тој проклет бакнеж во Гетсеманската градина, ама не заврши тука. Се откина и како чума почна да скита низ светот и по бесењето на покајаниот Јуда во нивата на грнчарот, онаа од која е црпнат и нашиот Искариот, ама без етиката на оној библискиот што му ги врати сребрениците на Кајафа, кој со нив ја купи нивата за да му обезбеди место кај ќе се обеси тој што го призна злосторството. Вистината, пак, е дека и покрај тоа знамето на неговиот змиски бакнеж е кренато низ целиот свет, ама зошто, прашувам во јанѕа Боже, најмногу во Македонија кај што е, како што рече и апостол Павле, народот светлина и светилник во расипаниот род на оваа злосторничка цивилизација, Бакнежот искариотски што му го дари на тој апостолски и литургиски народ во Преспа Европа, курвата библиска на Содом и на Гомор со вагина како црна космичка дупка, сингуларитет што ги смука светлината и вистината, складирајќи ги во сефот на нејзините дебели банки што се хранат од потта и страдањето на сиромаштијата. На црниот народ на трудот вели Рацин. Европа, курва зачната од Сатаната. Да. Ама и бакнежот змиски на домашните наши Јуди е тука, тие што го одведоа со Курвата вавилонска, пак да го спомнам Лука, малото стадо на кланица. Стадото на кое Господ му го вети царството за злосторството што му се прави.

Волча глутница е тој јудински бакнеж што го обиколува светот и што завива пред секој праг и куќа, посебно во Македонија сега, прикажувајќи се притоа насекаде перверзно со Исусови рани. Кај нас посебно во Владата и парламентот завива таа глутница, а нејзиниот одек снове и во сонот на штотуку родените, доенчињата, новите витлеемски деца за кланицата на новиот цивилизациски Ирод, но и за оние што сега и по столетија се зачнуваат невини во бакнежот на македонските љубовници, турнати во северниот смртозамрзнувач на Европа и балканските хиени што нè растргнуваат, а во кои е смртно вљубена таа. Така. А челникот на нашите искариоти, Јуда над Јудите, црпнат од повеќе јудински ниви, Јуда и Кајафа истовремено, кентаур од двете половини на злото, сега ги стиска и не ги враќа сребрениците што не се триесет туку милијарди како него, не се покајува за злото и нема намера да го земе јажето, да замине и да си пресуди за него, сега кога тој со Европа веќе го заклал малото стадо. Да. Ама не знае Вавилонската курва дека без Македонија нема воскресение за неа, зграпчена силно од канџите на сесмртта.

И го одведоа Синот Божји. Тогаш се прибраа од бескрајот далечините побегнати, но и потаму Гетсеманската градина остана страшно и глуво место во вселената. Од неа почна да дува и да го исполнува светскиот простор црниот ветер на злото, тркалајќи ја низ неговото голо стрниште златната заклана глава на човештвото. Низ сесмртта. И тоа е морната слика на цивилизацијата безбожна. Од нејзината мрачна бездна изнурнува на површина Ангелот на спасението со скршени крилја и распарчено теме, златната икона Македонија, Невестата Христова на која ѝ ги украле и свадбата и прстенот, и песната и орото, црква на колена турната на која ѝ го обесветиле олтарот и урнале средишното кубе сосе Седржителот, потпорната точка на светот. Tristia, de profundis, memento mori пее со космички глас во неа сега хорот на столченото племе со заклано грло, а надвор одекнува како торнадо што ги корне столетните дрвја и ја мете пепелта на згаснатите ѕвезди, трупајќи ја во крстини светската ноќ врз кревката основа на срцето, крикот на материјата во ужас од она што го виде во Гетсеманија. А толку многу, свечено и во делириум, во бескрајна екстаза, вртејќи се околу сонцето како дервишки танц, ѝ пееше нејзе химни што го слават создавањето на Светиот Дух во секој нејзин атом-храм кога се роди Тој, Спасителот судбински таксан за змискиот бакнеж на Јуда. Онака како што беа по него таксани и Македонците за искариотскиот бакнеж полн со смрт на Европа.

Да. А сум го видел тој дионизиски делириум на Светиот Дух и на свадбите во орото на столченото племе во кое рака за рака, ѕвезда за ѕвезда, алка за алка, префаќајќи ги во седумосмински такт минатото и иднината во бескрајното Сега, се држат цели поколенија. Така, ама глеј Европа му го крши ’рбетот на огнот на тоа оро собирајќи ја неговата пепел во мртовечка урна и фрлајќи ја на ѓубриште крвта на Авел. Мрак и очај. И се разнесува низ светот како чума, онаа што еднаш се нафати да jа прогони Гоце од Македонија, црната песна на безбожната цивилизација што дојде со мечот на злосторството во Македонија, со бакнежот на Јуда Искариотски, Македонија што стана нејзината Гетсеманска градина сега и на новото распетие на цел еден древен народ преполн со искон и со вечност, а сега сонце од светлина и рани.

И го одведоа Него војниците римски. Беше предаден од народот што го избра Јахве, а тој го испрати на Голгота со крстот на рамената. Веројатно отпосле и затоа беше упатен Павле кон Троада во потрага по друг народ што ќе биде Новото вино и Нафора за Новата литургија на светот сега. Во Троада тој го сретна Македонецот и дојде со него во Македонија. Оттука со Лидија тој ѝ ја испрати на Европа новозаветната штафета на Љубовта божја, ама таа не ја позема неа за да ѝ ја предаде на иднината и на поколенијата што идат од неа, и не се откажа од својот темен пагански нарав. До денес кога го закла малото стадо да го задоволи својот танатосен нагон и нагонот на околните балкански хиени, кои таа одамна ги храни со крвта, телото и раните на Македонците. Оти таа го надмина блудот на библиските Содом и Гомор во кои праведникот Лот една ноќ Господ го беше пратил својот ангел да го испита богохулието и да направи записник за беззаконието и развратот што владеат во нив, за да има цврсто алиби да ги уништи, да ги фрли во огнот сумпурен на пеколот. Да. Ама кога разбраа за таа света посета Содомци и Гоморци се собраа пред вратата на Лот, барајќи го скапоцениот гостин за блуд, на што Лот во замена за него на насобраната толпа пред прагот ѝ ги понуди своите ќерки. И така се разврза тој сатански јазол. Да, ама од домот на новиот Лот – Македонија вавилонската курва Европа ги извлече крвнички и ги силува сите ангели што ги беше испратил како посланија за новиот хуманизам Господ во него. Ги извлече и ги силува и сите ангели и светци од нејзините цркви, им ги симна сосе ореолите главите и ги обесчести така безбожна без око да ѝ трепне.

Бескрајна тага, сенка што го покрила со мртовечки покров сонцето во име на царството на светската ноќ. И удира во ледениот брег на ѕвездите челото на човекот распрснувајќи се на парампарчиња, на атоми и кванти, давеници што тонат во грозната песна на смртта на цивилизацијата, која еросот божествен го замени за танатос; тонат во црната дупка што се отворила како космичка рана со страшниот магнет на сингуларитетот, тонат во огромната сатанска вагина на Европа.

Да. Ама Македонците од искуство свикнати да пловат против струја, отпорни на очајот и злото, повторно прават свадба станати од гробот, го сукаат како жетварски зелник орото и повторно венчаваат и крштеваат за да бликне со водите на Новиот Потоп тој детски плач во испустените македонски села сега и да ја раскине пајажината та и на Европа мувлосана како француско сирење од мирисот на развратот и смртта. Македонците! Да. Играат свадбарски и ја пеат на сет глас во молитвена екстаза песната на раните христијани: „Господе дојди што поскоро! Дојди во сета твоја слава и моќ, уништи го ова зло! Дојди со Армагедон, ама и со Армакедон. Амин!

(Крај)