Антимакедонска уставна драма

Македонскиот законодавен дом стана политички театар, каде што се одигрува „драма“ на историско велепредавство на македонскиот народ и името Република Македонија. Тоа се одигрува во „три чина“. Првиот, народен светол чин – 1991 година. Вториот чин, валканата војна – 2001 година. Третиот чин, класично велепредавство, по спогодбата со Република Грција (2018), на актерите пратеници со бришење на уставното име Република Македонија

Човек се раѓа и живее со достоинство, совест, став, со уста да ги каже и брани македонскиот народ и Македонија. Зборот „устав“, кованица составена од зборовите „уста“ и „став“. Македонскиот народ зборувајќи, градејќи ја писменоста творел зборови со суштинска смисла и историска порака. Во нашиот законодавен дом има 120 пратеници/гласници на македонскиот народ и на граѓанството. Со нивниот став/глас во Собранието го донесоа основниот државноправен акт, Уставот на Република Македонија. Уставот, највисок правен акт, жив активен историски документ што ги обврзува граѓаните, правните лица и државните институции. Во спроведување на волјата на македонскиот народ преточена во уставни норми, одредби, најодговорни се пратениците што го донеле во Собранието на Република Македонија. Меѓутоа, политичката практика ни го потврдува спротивното. Наместо тие да се господари на историјата, напредокот и слободата на народот и граѓанството, ја презедоа улогата на лакеи/слуги со предавничка мисла и парламентарни игри. Устата и ставот на пратениците станаа мимика на политичката сцена полна со мимикрија. Уставот на Република Македонија се донесе на 17 ноември 1991 година. Со амандманите од 1 до 32, 1992-2005 година, суштински се именуваат одредби на историско претставување на македонскиот народ и функционирање на македонската држава.

Првото големо историско предавство се прави со амандманот 4, од 16 ноември 2001 година. Со него се брише Преамбулата на Уставот на Република Македoнија од 1991 година. Македонскиот народ ја губи улогата на историски државотворен народ, творец на македонската држава. Професорот по Уставно право Светомир Шкариќ како ја гледа оваа уставна промена: „Примарната намена на Уставот беше да ги интегрира граѓаните на земјата, како индивидуи, а не на групно или на етничко ниво. Оваа стратегија не беше успешна, затоа што етничките Албанци не прифатија да бидат ’етничко малцинство’, чиишто припадници би биле еднакви со другите на ниво на индивидуалните права (интегративна теорија), туку бараа статус на конститутивен народ, односно групен статус и права (консоцијативна теорија). Станува збор за консоцијативна теорија за делење на моќта во етнички поделени општества. Врз таа теорија е граден рамковниот договор од 2001 година.“

Поранешниот претседател на македонското собрание (1998-2000 г.), професор по Уставно право, Саво Климовски ќе констатира: „Македонската нација треба да претставува интегративна заедница на сите граѓани во Република Македонија, без разлика на нивната етничка припадност. За прецизно лоцирање на македонскиот граѓанин и неговата улога во системот, нужно е претходно заокружување на концептот на македонска нација од аспект на нејзината државотворност и конститутивност во Република Македонија, како предуслов за недвосмислено утврдување на позицијата на граѓанинот во неа. Немањето јасна визија за тоа, што од што произлегува, и кој кому му припаѓа, е опасна состојба за државата.“

Конечно, уставното велепредавство се изврши кога пратениците на 11 јануари 2019, во парламентот, во име на излажаниот македонски народ (референдум 30 септември 2018) донесуваат амандман за бришење на Република Македонија и замена со ново име, Република Северна Македонија. Пратениците со антимакедонски став/глас ја погазија својата лична уставна заклетва дека ќе ги бранат Уставот, македонскиот народ и држава. Македонскиот законодавен дом стана политички театар каде што се одигрува „драма“ на историско велепредавство на македонскиот народ и името Република Македонија. Тоа се одигрува во „три чина“. Првиот, народен светол чин – 1991 година. Вториот чин, валканата војна – 2001 година. Третиот чин, класично велепредавство, по спогодбата со Република Грција (2018), на актерите пратеници со бришење на уставното име Република Македонија.

На градите на македонскиот народ „херојски?!“ му го натокмија натписот Република Северна Македонија. Натписот Република Северна Македонија на народот му го ставија, најармија меѓу другите: Никола Димитров, поранешен дипломат во Вашингтон и актуелен министер за надворешни работи во Владата на Зоран Заев; Ратка Димитрова – поранешна пратеничка; актуелните пратеници – Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, обвинети за тероризам; поранешната министерка за култура, актуелна пратеничка Елизабета Канческа-Милевска, обвинета за наводен криминал; поранешниот пратеник, министер за внатрешни работи и кандидат во 2009 година за претседател на Република Македонија Љубе Бошковски, актуелен советник на премиерот Зоран Заев. И тој, Љубе Бошковски застана на страната на промената на името на македонската држава. На Љубе Бошковски му бев адвокат бранител во предметот „Раштански лозја“, 2004 година.

Потоа бев неформален советник и на адвокатите Едина Рашидовиќ и Гено Метро, бранители на Љубе Бошковски во „Хашкиот случај“. Со пресуда на Хашкиот суд беше ослободен од вина. Сите споменати се со современа вмровска политичка провениенција, живееле од маката/лебот и надежта на македонскиот народ. Една деценија пред тоа, во 1999 година, книгата „Името и умот“ на професор д-р Димитар Димитров, поранешен министер за образование и наука, во колумната „Уште еден акт на велепредавство“ завршува со реченицата: „Раката да му се исуши – кој ќе стави потпис на најавената спогодба!“
Во приказната за одбрана на името Република Македонија бев вклучен како адвокат на актерот Владо Јовановски и оперскиот пејач Игор Дурловски.

Наспроти „променџиите противуставни“, тие со патриотски светоглед го бранат името Република Македонија. Меѓу нив ќе ги споменам: адвокат Марјан Попески, доктор по меѓународно право; Игор Јанев – доктор по меѓународно право; Билјана Ванковска – професорка по право; Димитар Апасиев – професор по право; Гордана Силјановска-Давкова – професорка по уставно право и претседателски кандидат во 2019 година; Михајло Миноски – професор по историски науки; Татјана Каракамишева-Јовановска – професорка од уставно право… Македонската приказна нема крај. Би рекол крај без крај. Нѐ чекаат во холот на повеќедецениска дренажа без македонски национален суверенитет во ЕУ, заедница на суверени народи и држави. А ние кои сме и што сме?!