Апартхејд отсекогаш бил нордистанска традиција. Ние успеваме во него да внесеме џинџер баланс и розова еднаквост како што наложува новата нормалност. Затоа и амбасадорката на САД кажа дека сме пример за стабилност. Нашите реформи направија режимот на Грујо да стане хибриден. Оти ние сме земјоделска земја. Воведовме режим во вкрстувањето семиња. Посебно кај конопот. Преку хибриден режим вкрстивме индика, сатива и марокански сканк и создадовме модерен бренд посакуван во сиот регион и пошироко. Ви благодарам на исцрпниот разговор. Секогаш сме тука за јавноста
Фатиле дрога кај наши полицајци на црногорска граница!
Е, фатиле де. И што да правиме сега? Да се посипеме со марихуана, да се смотаме во џоинт, па да се запалиме и надуваме ли? Башка, таа дрога е од 1941. Заборавена во кола. Со неа, граѓанството луѓенца сакало да ги расположи новодојдените бугарски администратори што го презеле претседателството врз Нордистан од проруска Србија што е доказ дека ние и тогаш сме соработувале со нашите НАТО-сојузници.
А затоа ли ќе се брише од учебници „бугарски фашистички окупатор“?
Па не биле само Бугарите фашисти. Имало и наши соработници.
И што ќе стои наместо бугарски фашистички окупатор?
Комбиниран прогермански администратор.
А до кај е истрагата за изгорените луѓе во модуларната болница?
Беше тргната накај Тетово, веќе стигната на полпат, ама ја прегази коњ што трчаше во спротивен правец.
Значи коњот е виновен…?
Коњот, Наќе, Миле ми текна, Орце и Грујо. Злосторничко здружување.
Грујо му рекол на Миле да набави коњ без тендер. Миле набавил. И тоа во време кога Наќе е технички министер во МВР. Коњот им требал за да може Орце да одјава на него од земјава.
Зошто е тогаш коњот виновен?
Па трчаше во спротивен правец од нашите евроинтеграции и ја прегази истрагата за пожарот.
А до каде сме со ерменскиот скандал во кој наши дипломати, како на филм, шверцувале ерменски граѓани во приватен авион, обвинети за висока политичка корупција?
Нашите дипломати никого не шверцувале. Тие Ерменци биле заборавени во авионот уште во 2016 година кога Грујо се возикаше со него наваму-натаму, пијан и дрогиран.
Значи дипломатскиов скандал нема врска со фактот дека на пола криминалци во светов сме им издале државјанство и пасош?
Нормално дека нема. Пасоши на белосветски криминалци штанцаше Цана, чистачката во МВР. Самата си призна затоа што е од Пустец, па Грујо ѝ дал пасош, а она сакала да биде како него.
Значи сите патишта водат кон Грујо…
Сите, особено оние недовршените како Кичево – Охрид.
Претпоставувам Грујо е крив и за тоа што затвореници и притвореници се шетаат по улици и патишта?
Тие наши совесни граѓани настинале, се разболеле, тргнале да гасат пожари… И плус се вакцинирани, а не како вмровските антиваксери што ги нарекуваат докторите, убијци.
Кога сме веќе кај вакцини… не ви се чини дека односот кон луѓето што одбиваат вакцина наликува на времето на нацистичка Германија?
Не може да кажеме дека само Германците биле нацисти. Имало и наши луѓе што не биле на страната на ваксерите.
Во најмала рака личи на апартхејд.
Апартхејд отсекогаш бил нордистанска традиција. Ние успеваме во него да внесеме џинџер баланс и розова еднаквост како што наложува новата нормалност. Затоа и амбасадорката на САД кажа дека сме пример за стабилност. Нашите реформи направија режимот на Грујо да стане хибриден. Оти ние сме земјоделска земја. Воведовме режим во вкрстувањето семиња. Посебно кај конопот. Преку хибриден режим вкрстивме индика, сатива и марокански сканк и создадовме модерен бренд посакуван во сиот регион и пошироко.
Ви благодарам на исцрпниот разговор.
Секогаш сме тука за јавноста.
(Една минута подоцна.)
Кој беше овој?
Русјаков. Писател и колумнист. Целото ова интервју е само во неговата небањата глава.
Пуштете му некој прислушуван разговор. Нека фаќа рајата сеир. Ништо друго не им треба. Сеир и озборување, така советуваат повисоките од горе. Додека мезат сеир и пијат нафта, можеш да им смениш идентитет како да е бушон, нема да забележат.
Русјаков продолжува да вади глупости од небањатата глава.
Спакувајте му некој процес. Планирал атентат врз премиерот во 2018 година. Сакал со руски снајпер да го рокне додека овој си потпевнува американска химна, ама грчки служби го откриле.
Русјаков е албино. Албината ништо не гледаат.
Ставете руски снајпер што сака да ја замолкне американската химна, најдете за сведок некој самурај и оставете ги судот, обвинителство, медиуми и хонорарци да одработат. За да биде поуверливо пишете дека стои и зад атентатите врз Киро и Кенеди.
Не бил роден во времето на Кенеди.
Што има врска? Личи како да бил роден. Сите албина изгледаат како да имаат сто години. Бели се и слепи. Сам го напишал тоа во неговата нова книга „Албино трип“.
Само што си ја изрекламира новата книга преку нашиов разговор.
Стегнете му кривична за злоупотреба на службена должност.
(Крај на муабетите од небањатата глава.)
Се кикотите? Мене не ми е смешно. Читам Стар завет. Ги читам пророците. Самоил, Илија, Елисеј, Езекил, Еремија, Даниил и другите. Му кажувале на еврејскиот народ и неговите првосвештеници, фарисеи и книжници до каде ќе ги доведе неодговорноста, злорадоста, сервилноста, сеирот, идолопоклонството, конформизмот, себичноста. Ќе падне Ерусалим, ќе дојдат туѓи војски, ќе завршиме како вавилонски робови, светињите ќе се осквернат, ќе има суша и глад. Им се мешале на фарисеите во моќта, ги изобличувале, му се мешале на народ во идолопоклонството (Баал, Молох, НАТО, ЕУ, како сакате), па им монтирале процеси со лажни сведоци и ги распнувале, каменувале, сечеле со пила на две половини.
Како ли ќе звучеа да ги имавме тука за нас да зборуваат? Ќе ви го распродадат себството, души ќе ви лицитираат, минато ќе збришат за иднина да изопачат, ќе има чума и од неа ќе печалат, живи луѓе ќе горат, судовите ќе станат места на блуд, морален разврат и корупција, заради нив невини ќе страдаат обвинети во лажни процеси, чуварите на законот ќе станат злосторници, а народот здебелен од злорадост, ќе се гости глодајќи коски на праведници, озборувајќи ја насилно соголената интимност на неистомисленици. Навистина, што би станало со пророците Израилови да ги имавме денес? Исто што и тогаш, оти „црта не се променила“ во безумноста на луѓето. Ќе ги распнеше јавноста, народ ќе ги каменуваше озборувајќи ги по социјални мрежи и кафеани, оти секој се мисли безгрешен и прв сака камен да фрли, а правдата што ја скрши вагата, ама ги задржа мечот и слепилото, ќе ги пресече на две, во монтиран процес со лажни сведоци, бидејќи, „вистина ви велам“, исто е, Содом и Гомор повторно се тука, а луѓето го избраа Мамона, за да се исполни од Господ кажаното, „Нема пророк без чест, освен во земјата негова и во домот негов“.