Продолжуваме каде што застанавме минатата недела. Среде безумното лудило на самоодрекувањето. Има ли народ на планетава што се одрекол од себе, од сопствениот идентитет за каква и да е причина? Нема таков. Историјата не сведочи за таква безумност. Ние ќе бидеме првите. Ќе се откажеме од себе за да влеземе во воена алијанса. Каква идиотштина. Намерно велам само воена алијанса. Европската Унија веќе неколку пати ни кажува дека нема намера да нè прифати. Не во скоро време, најмалку за десет години отсега, така ни велат, а може и повеќе. Ама ние ќе сме си ги менувале името и идентитетот македонски, демек, да бидеме подготвени кога еден ден ЕУ ќе се смилува. Здрави ли сме ние? Не сме.
Уф, Амди Бајрам прејде кај владејачкото мнозинство. За синдромот Амди виновен е Груевски. И покрај фактот што имаше огромна доверба од македонскиот народ, тој одлучи да се опкружи со сè и сешто. Која мајка изгубила политичар, ете ти го во коалицијата на Груевски. Малку му беше довербата, мораше да заграби што повеќе моќ. И сега сите ја сменија страната. Безрбетник нема морал, него го влече само потребата да ѝ служи на моќта, колку и таа да е изопачена. Да не ги насобра околу себе, да не ги хранеше со трошките на моќта, за десет години ќе исчезнеа од политичката сцена и сега немаше да имаме ликови како Амди Бајрам, Павле Трајанов, Лиле Поповска, чии гласови ќе бидат искористени за создавање двотретинско мнозинство, кое ќе доведе до укинување на Македонија и македонскиот идентитет. Затоа Амди Бајрам смени дрес.
А ова гадно ја вознемири шарената интелектуална бижутерија. Ќе имаше логика нивново ако гневот им беше разумен. Затоа што не се гневни поради фактот дека Амди Бајрам стана дел од власта како потребен глас за ликвидирање на македонското постоење, туку затоа што „кока-колава“ им покажал среден прст додека тие протестирале. Себични, суетни и арогантни какви што се, не им е гајле дека Македонија е пред идентитетски геноцид каков што немало во историјата, туку затоа што е повредено нивното его. Сто пати сум напишал, интелектуалната бижутерија водена од лична корист ја интересира само сопствената удобност, нема никаква свест за ближниот свој, за заедницата, за државата, па затоа и не може да види подалеку од својот нос. Така беше за време на политичката криза, така е и сега. Од дрвото не ја гледаат шумата. Тогаш дрвото беше Груевски. Лесно манипулативни и подводливи на трендови, пропагандата на изопачената моќ ги наполни со заслепувачка омраза и никако не можеа да ја видат големата слика. Не можеш да рушиш нешто, а да не знаеш што ќе изградиш ново. Не можеш да го рушиш Груевски, а да не ти е јасно дека на негово место ќе се истопори Заев. Муабетот, јас немав намера да го донесам Заев, ами само да го срушам Груевски, е малоумен. Не можеш да убедуваш никого дека не си знаел што зборува и ветува Заев во предизборието, дека ти е виновен Павле Богоевски затоа што тврдел оти нема тиранска платформа и двојазичност, дека не ти било јасно каков капацитет има оној што тврди дека Бог го црпнал од нива.
Едноставно не ти држи вода правдањето дека си очекувал реформи, а не еден куп национални велепредавства, кога тој што помогнавте да биде октроиран на власт, јасно и гласно кажуваше дека со помош на странците сè ќе им удоволи на Албанците, Грците и на Бугарите, и тоа на наша штета. Да повторам, не рушиш без да знаеш што ќе подигнеш. А подигнавте Левијатан што ќе ја изеде Македонија. Не само што нема да видите реформи и напредок, туку напротив, од лошо полошо е. Не само што ќе бидеме идентитетски обезглавени и упокоени, туку нема ниту НАТО да донесе стабилност ниту ЕУ да донесе благосостојба. Затоа што ЕУ и НАТО не се лек за домашните болести. Само треба да се излезе од сопствената суета, која при очи слепи ве прави и да се погледне со отворен ум околу себе. Толку е едноставно.
Во меѓувреме Заев и Ципрас се сретнаа во Софија. Каква симболика. Средба со човекот пред чии нозе треба да ја отсечеш главата на сопствената татковина и народ да се откажеш од сопственото постоење, во државата на која пред скоро време си ѝ ја продал сопствената историја, култура и традиција. И што ни јави Заев по средбата? Дека они си нашле ново име за Македонија, кое на двајцата им е убаво и прифатливо. Нормално, кога сите знаеме дека вековната Македонија и сите наши предци што изгинале за нејзиното име и слобода се нивна лична сопственост. Посебно на Заев, зашто тој ем е црпнат од Господ лично, ем е донесен и организиран од „повисоките од надвор“, како што самиот вели. И сега, едно име за севкупна употреба, едно евро за Вицето.
А еве ви ја и мојата прогноза што ќе биде понатаму. Вие слободно прогласете ме за малоумен, речете дека тоа е само во мојата глава, како што беше со тиранската платформа. Еден мој пријател тврди дека на Грција не ѝ пречи толку македонското име, колку македонската држава, и јас се согласувам. Грчките, за разлика од нашите политичари, имаат цел и стратегија. Тие добро знаат дека октроираниве кај нас можеби идентитетски ќе нè ликвидираат за севкупно исчезнување, ама исто така, поучени од историјата, свесни се дека некоја идна генерација Македонци може да поништи сè што сегашниве уништиле, па да кренат нова Република Македонија. Крајна цел е укинување на македонската држава. Нештата вака ќе се одвиваат. Заев и неговите насилно ќе ги променат името, идентитетот, Уставот, и тоа ерга омнес. Ќе ги наместат следните предвремени избори, а без гласање, консензуално ќе донесат претседател по свој терк, кој ќе го потпише законот за двојазичност. Ќе следува федерализација, па референдум за отцепување на западниот дел од Македонија. Тука ќе влета Бугарија како „заштитник“, но и како држава на која веќе сме ѝ ги препишале нашата историја, култура и традиција. За три-пет години Македонија ќе биде поделена меѓу Албанија и Бугарија, а „македонците“ ќе најдат милион оправдувања кај посилните од нив и во „веќе било договорено“ муабетот за да се оправдаат. Но, на многумина „баш им е гајле за името“, па нема да имаат проблем да бидат Бугари или Албанци. Ваквиот развој на настаните веќе го посочија неколку британски аналитичари. НАТО нема да ја спречи поделбата, затоа што така се затвора проектот 1913, ЕУ со прст нема да мрдне затоа што и самата веќе се расцепкува.