Новогодишни јанѕи: идентитет со куршум во срцето (1)

Записи во несоница

Еве сме, со Господова волја, драг читателу, на крајот и од оваа година, колку и да ја тркалаше неа кај нас и Сатаната. Или Темниот. Сеедно. И на секој таков крај, што е по дефиниција на митот есхатолошки, одново и одново се обновува сликата за смрт на старата и настап во новата година, на новиот посреќен живот дефиниран како преродба или ренесанса. Тоа е што се однесува до циклусот од една година како микрослика што ја сугерира митската макрослика на столетието или милениумот со златната епоха на среќа и благосостојба по секој нивни крај. А такви епохи имало и во човештвото и кај поединечни народи. Јас во таа смисла за илустрација би ja спомнал, драг читателу, благата и питома, полна со плодородие епоха на неолитот по студената ера на палеолитот и тука ќе се задржам за да не се оддалечиме премногу од темата поставена во насловот на нашата колумна.

Да. Оти и оваа година го истурка тешкиот Сизифов камен на македонската судбина и, еве, веќе го префрла преку Рубикон во идната во која иако стапуваме со надеж за поубави денови и малку сончево злато во дланките (оти другото ни го ограбија), поучени од искуство не сме сигурни дали ќе ни биде поубаво. Оти ние сме целосно збунети и не можеме да бидеме децидни во одговорот дали овој свет е најубавиот од сите возможни светови во вселената како што мисли Лајбниц, или најлошиот како што мисли Шопенхауер. А и двајцата Германци. Вистината, пак, е дека е мешан; од убавото и трагичното, при што кај некои народи преовладува едното, а кај други другото. Кај нас Mакедонците натежнува многу повеќе трагичното над убавото и среќното, за што и ќе говориме во овој текст, драг читателу. И тој, како и повеќето мои колумнистички текстови („Човекот е стил“ – Бифон) е повеќеделен и палимпсестен, па оттука и заради тоа малку и вообичаено те поздравувам новогодишно во почетокот и ти ги испорачувам моите најубави поздрави за твоја пред сè духовна благосостојба и душевен мир во македонската стихија на политичкото и социјално црнило. Оти тоа никој не може да ти го одземе, и оти си со него како со благодат даруван директно од Создателот, за разлика од грабачите и уништувачите на среќата на скромниот и длабоко во себе богољубив народ.
Имаме повеќе точки на дневен ред, или слики што треба да ги фиксираме и кратко дефинираме и објасниме во стил на (хипо)тези. Првин планетарната, или сликата на светот на оваа прекрасна планета создадена со бескрајната имагинација на Творецот, пред која падна на колена и Спиноза, па крикна колку што го држеше гласот: Deus sive natura. Со овој крик всушност и тој како и мојата омилена поетеса Емили Дикинсон едноставно сакаше без заобиколување да каже: „Животот е екстаза“. Да. Ама таа екстаза/живот човекот ја стави, крадејќи го пламенот од неа и подарувајќи му го на Сатаната, во мртовечка урна. Како пепел. Така. Затоа и, имено, уште пред столетија гностиците, богомилите, се посомневаа дека човекот, таков каков што е, е божје создание, па и него му го препишаа на ѓаволот. Да. И токму денешната планетарна слика на човештвото ја рехабилитира оваа нивна (хипо)теза, драг читателу. Нели? Оти, еве, да ја земеме како илустрација за тоа планетарната ситуација со веќе славниот коронавирус. Тој, кој се шета како некој крал од славната англиска кралска династија (Шекспир не би се противел на оваа хипотеза) со величествена круна на главата, скована во историската и цивилизациска работилница на Сатаната. На Мефистофел чиј чирак е Фауст (европскиот интелектуалец м.з.), ако ја имаме предвид старогерманската легенда од која беше фасциниран Гете, но и Марлоу во Англија, што пак значи дека нејзината содржина и пораки не се локални. Присутни се и кај нас во Македонија. Нив треба, кој има нерви, да ги побараме и кај Цепенков, а тој што не е свикнат на таква акрибија може да ги побара, на пример, во Муртино, или во нашата влада. Конкретен е сообраќајниот знак.

Но, за планетарната слика што ја карактеризира коронавирусот. Тоа е сега апокалиптичната слика на оваа планета и цивилизација, кoja како да е излезена од последната завршна книга на Библијата во Новиот завет (Апокалипса или Откровение) како визија на најомилениот Исусов апостол, единствениот од апостолите што умрел со природна смрт. Визијата за крајот на светот. А да се потсетиме во контекст на тоа и на последните зборови на Исус на крстот на Голгота: „Свршено е“. Зборови шифра. Дали Спасителот, кој дојде да нè спаси, а ние го распнавме (и тоа парадоксално „избраниот народ“!) со тие зборови всушност не го сугерираше крајот на Иродовата и римската цивилизација во чија суровост, иако на софистициран начин е вљубен Западот, и вестеше новиот почеток на социјална и духовна благосостојба на човекот и светот. Или само, што е поверојатно, го сугерираше, стапнувајќи со едниот чекор во смртта, својот премин низ нејзината врата од минливост во вечност и од земно во небесно царство. А всушност небесното царство што зрачи љубов (агапе), понизност (во смисла на внатрешно самочувствие и кроткост) и проштевање, тој му го проповедаше на човекот како возможно за примена во земниот живот. Но човекот одби да го сфати и разбере него и затоа загази во историска темница од која не излегува, а постојат знаци дека никогаш и нема да излезе од неа. Сè до свршетокот на овој мефистофелски свет на кој му е помило злото од доброто, грдото од убавото. И тука не мислам воопшто на естетиката на грдото на Бодлер, нити на „Жените од Авињон“, сликата на Пикасо што на некој начин поетички ја илустрира неа. Не. Оти не се работи тука за естетика, туку за морал и етика со кои раскрстила оваа цивилизација што ја поклопи целосно западниот, деструктивен на тој план, супрематистички ветер. „Свршено е“, како да ги втори, иако извртени, сега зборовите на Исус и коронавирусот тој. Оти, да не се лажеме, драг читателу, тој е опасен по целокупното човештво и не е природен, туку е создаден во некоја од западните сатанистички лаборатории на една масонска група, која од поодамна врши такви експерименти; сидата, еболата итн. Тие се тестираа главно во прекрасната Африка и кај прекрасната црна, што ја обожавам, најмирољубива од сите постојни раси. Ама сега на темните лабораториски масони експериментално поле им се целиот свет и целокупното човештво. Без исклучок. Иако, да не бидам сфатен иронично, можеби така е и најправедно. Можеби по оваа катастрофа екстрабогатите нации и тајкуни малку морално и етички ќе се облагородат. Да видиш да не веруваш. Или, што е поверојатно, со оваа катастрофа, како и што стојат работите, уште повеќе ќе се збогатат, продавајќи му ги своите може и сомнителни (за некои популации од според нив втора класа) вакцини и уште повеќе ќе бидат арогантни.

Тоа е мојата (ај да бидам и јас покрај толку многу експерти и аналитичари сега тоа) претпоставка, драг читателу. Биди здрав и жив и ќе видиш дека е точна. Ќе има понатаму уште дигресии на таа катастрофална тема, но сега да се префрлиме на екстратруматичниот простор Европа / Македонија. Или Македонија / Европа. Сеедно. Коронавирусот ќе си продолжи понатаму да маршира, а ние веќе знаеме дека тој како пронајдок им е подметнат на мирољубивите Кинези, кои ги учеа на живот и цивилизација Конфуциј и Лао Це, а не Дејви Крокет и Буч Касиди, Гари Купер и Џон Вејн. Оти честопати си размислувам каков ќе беше, ако не пепел, досега светот доколку и безбројните Кинези ја имаа менталната слика на Дивиот Запад на Американците, која тие на секој чекор ја демонстрираат. Еве, на пример, уште не седнат во претседателската фотелја Џо Бајден рече дека ќе ја обнови моќта на Америка (читај: војните што се обиде да ги укине Трамп по налудничавиот деструктивец и миленик како „миротворец“ на шведскиот Нобелов комитет Барак Обама) и дека таа повторно ќе го води светот. Кон што? Се знае. Притоа уште русомразач, рече и дека ќе ја казнел Русија. Со што и како? На тоа како реакција само ја видовме неутралната насмевка на Путин и, за секој случај, изјавата на Сергеј Лавров дека Русија однапред е подготвена за одговор на секое, какво било и да е, сценарио на Јенките. Оти тоа не е Македониja, пa да може секој да прави што сака со неа, да му текне како на Черчил во 1948 г. да ја ништи и истребува со бомбардери полни со смрт, зацврстувајќи го европскиот Едипов комплекс и мит за Елада. А тоа сега Западот, Брисел и Вашингтон, го прават со уште пострашен геноцид – идентитетски.

Да. Тие ги ништат Македонија и Македонците, ама коронавирусот ги ништи нив, иако произведен од нив. И тој нема да запре. Него го најави (веројатно не случајно) уште во 2015 г. Бил Гејтс, а сега, пак во апокалиптичен мефистофелски стил, го најавува и следниот за десет или за петнаесет години. Но знам, веќе ме прашуваш, драг читателу, која е всушност битната цел на темните планери на светот со оваа модерна чума? Дирекно, без заобиколување: зомбификација, идиотизација на Општиот планетарен човек, отстранување од него на секој вид волја за противење на злото. Волјата, која, како што мисли и главниот нејзин филозофски промотор Шопенхауер, е карактеристична не само за сите живи облици и нештата туку и за материјалната природа. Уште таткото на атомистиката во антиката Демокрит интуитивно го знаеше тоа, а камоли сега Ајнштајн и Бор во квантната физика. И таа зомбификација, планетарна, е масовен генетички инженеринг да се убие секоја искра на ведрина и волја за автентичен живот, и да се доведе човекот до границата на крајна алиенација. До психолошка состојба не на очај, кој може да биде бунтовен и опасен, туку до апатија, онака како што им успеа, всушност, тоа на светските планери кај Македонците, па ја заклаа без нивен поголем отпор главата на нивниот идентитет – Името. Коронавирусот е всушност проект да се уништи последното, што е истовремено и генеричко, упориште на човековата слобода, индивидуализмот, неговото јаство, или Јас. Атман, како што го викаат него мудрите Индуси, кој се врзува со Брахман, остварувајќи целина на земното и небесното, профаното и светото.

И сè тоа, тој монструозен план на темните западни масони (бидејќи Антихрист има западно либералкапиталистичко лице) го има предвидено уште пред едно и кусур столетие генијалниот мислител Достоевски во „Големиот инквизитор“ во „Браќа Карамазови“. Оти сите ние зборуваме за Орвел и неговата слика на манипулација на индивидуата и нејзините онтолошки квалитети на слободно битие. Но Достоевски пред него и поубаво од него го анализираше тој феномен. По него од модерните писатели на 20 век, исто така посугестивно од Орвел тоа го прави ингениозниот Франц Кафка, чиј Јозеф К. во „Процес“ е обвинет и најпосле и ликвидиран без да знае зошто. Исто како што сега со коронавирусот се случува со општиот планетарен човек, иако тука не е тешко да се открие заднината на тој монструозен чин што има во основа утилитарна цел. А тоа е, преку уништување на јаството во индивидуата и целосна нејзина пасивизација, да се отклони каков било обид за раѓање на некој нов Че Гевара и кревање на пролетаријатот од планетарното дно за да бара леб, слобода и правда. Оти се покажа дека НАТО, кој според мене (ако грешам исправи ме, драг читателу), е и формиран за тоа, да ги брани банките и системот на богатите западни тајкуни, каков што е устроен, а не нас и преостанатата сиромаштија. Оти самите видовме со очи како во 2001 г. тој ги помагаше и бранеше албанските терористи на Али и ОНА, а не нас. И ако се повтори истата ситуација, што не би било чудно (дај Боже да не сум во право) тие пак ќе бидат со нив, оти како што вели и Исус слично со слично се привлекува како во физиката и плус и минус. Ама сепак и тука е есенцијален и помоќен магнетизмот на сличноста. На поширок план така е тоа и кај народите во смисла на нивно одбивање или привлекување. Во таа смисла, се сеќаваш, драг читателу, јас веќе и пишував за разликите меѓу англосаксонската (виталистичка и со притаен свеж варварски инстинкт што го демонстрираше на Македонците во Егејска Македонија Черчил) и словенската во основа меланхолична и емотивна раса врз примери од руската и американската литература. Таа, пак, (хипо)теза ми ја потшепна всушност низ една брилијантна длабинска анализа Филип. Филип Клетников, тивок и длабок мислител.

(продолжува)