Фото: Александар Николоски/Фејсбук

Изградбата на втората делница од железничката пруга кон Бугарија, на потегот Бељаковце – Крива Паланка, се реализира со вкупен напредок од 36 проценти, а целосното железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија се очекува да биде завршено до 2031 година, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при увидот во градежните работи на Коридорот 8, пренесе МИА.

Заедно со директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, тој ја посети трасата на проектот, кој го оцени како еден од најсложените инфраструктурни зафати во државата.

Станува збор за делница долга 34 километри, на која се градат 29 мостови, 15 тунели, шест надвозници, три подвозници, три железнички станици, две станични згради и три сервисни објекти.

-Ова е исклучително сложен инженерски проект. На само 34 километри имаме 29 мостови и 15 тунели, што е најголем број тунели досега изградени во Македонија – истакна Николоски.

Тој информираше дека железничката линија е проектирана за брзина од 100 до 120 километри на час, а највисокиот столб на мостовите достигнува висина од 61 метар. Според него, конструктивните работи се реализирани 31 процент, додека вкупната реализација на проектот изнесува 36 проценти.

Николоски најави дека до последниот квартал на 2028 година на оваа делница треба да почнат да сообраќаат возови.

По завршувањето на втората делница ќе следува изградбата на третата делница кон границата со Бугарија. За неа веќе е објавен тендер за избор на надзорен орган, а наскоро се очекува и тендер за изведувач.

Министерот нагласи дека целта е до 2031 година да биде завршена целата железничка врска со Бугарија, вклучувајќи го и заедничкиот прекуграничен тунел.

-Очекувам до 2031 година да ја завршиме целата делница заедно со тунелот што треба заеднички да го градиме со Бугарија. Важно е и двете држави да го завршат својот дел од проектот – рече Николоски.

Тој потсети дека Коридорот 8 е дел од европската транспортна мрежа која ги поврзува Јадранското и Црното Море и дека НАТО го има прогласено за втор најзначаен безбедносен коридор.

Во однос на сигнализацијата и електрификацијата на третата делница, Николоски појасни дека тие ќе бидат предмет на посебна тендерска постапка со цел да се вградат најсовремени технолошки решенија во моментот на реализација.

Директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, посочи дека станува збор за проект кој бил практично во застој повеќе од 30 години, а сега се реализира со засилена динамика и покрај сложените теренски услови.