Фото: Пекселс

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу вели дека драфт законот за сајбер заштита на цивилното население и формирање агенција е во постапка и поставен е на ЕНЕР. Во неговото креирање се вклучени приватниот, невладиниот и владиниот сектор, како и науката, за да се добијат најдобрите решенија.

Досега за законот пристигнале преку 90 коментари и забелешки од сите заинтерсирани страни.

-Процесот беше многу инклузивен од првиот ден, а со зкаонот и агенцијата еднаш засекогаш ќе ги решиме проблемите и предизвиците со кои сега се соочуваме од апсект на дигиталната трансфорација. Дигиталната трансфорација е долг, комплексен процес кој трае многу долго и никогаш не завршува, поради што мора да имаме патоказ и негова имплементација преку агенцијата за да го постигнеме тоа што сакаме, истакна Алиу, одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во Владата.

На прашањето во врска со внатрешната ревизија што ја спроведе Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), Алиу повтори дека резултатите покажале недоверба на компаниите во институциите поради што и многу малку од нив се подготвени да аплицираат на јавни тендери.

-Имавме интерна ревизија на мое лично барање за периодот 2021 – 2023 година. Од извештајот јасно се гледа дека компаниите се многу малку заинтересиорани да аплицираат на јавни тендери, а тоа е загрижувачки. Довербата на приватниот сектор кон државните институции е дефинитивно намалена. Вчера, на средбата, компаниите рекоа дека една од причините за ова е што тендерската документација или не е јасна или е толку јасна што се гледа дека е направена за дел од приватниот сектор. Не сакам да верувам во тоа, зашто нашите колеги од МИОА се експерти и убеден сум дека може да имаме повеќе заинтересирани компании кои би аплицирале. Една од мерките за да го подобриме целиот овој процес ќе биде анализа на пазарот на трудот и во таа фаза ќе бидеме транспарентни, ќе имаме состаноци и јас лично ќе свикам прес-конференција. Од податоците на ревизијата имаме јасна цел како треба да се подобрат вантрешните процеси, но и нашата комуникација со приватниот сектор, рече Алиу.

Повтори и дека МИОА планира да направи ревизија за десетгодишен период.

Како што истакна вчера министерот Алиу по средбата со стопанските комори, на 14 од вкупно 18 анализирани тендерски постапки од јануари 2021 до јуни 2023, пријавена била само една компанија.