Општина Гостивар ќе биде должна да соработува во целокупниот процес за нормализирање на состојбата, порача денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на новинарско прашање околу соработката со локалните власти и дали ќе има проширување на истрагата за одговорноста на други лица за загадувањето на водата во Гостивар.
– Факт е дека заклучно со денес, целиот овој хаос е одговорност на Општина Гостивар и на органите во рамки на општината. Поради нивна неможност, државата денес донесе одлука да се вклучи и да го расчисти овој хаос максимално брзо. Органите во состав на Општина Гостивар се должни максимално да се вклучат во процесот. На состанокот којшто е закажан во 17:00 часот во рамки на ОВР Гостивар ќе бидат повикани сите надлежни кои можат да помогнат – изјави Тошковски.
Тој потврди дека со гостиварскиот градоначалник е извршен разговор во насока на утврдување на фактичката состојба.
– Ќе постапуваме во соработка со Јавното обвинителство за секој следен чекор, како од аспект на одговорност согласно Кривичниот законик, така и од аспект на ставање во нормална функција на водоснабдувачкиот систем – потенцира министерот Тоошковски.
Запрашан за коментар околу можноста истрагата да ја преземе Обвинителството за гонење организиран криминал и одговорноста на надзорот на новиот водовод во Гостивар и кој го предал во употреба тој кажа дека за секој предмет каде што ќе се утврдат законски надлежности на ОЈОГОК тоа е должно да го преземе во рамки на своето постапување. Доколку утврдат дека постојат такви елементи, тоа е нивна надлежност.
– А во однос на останатото прашање за надзорот, во овој момент не би можел да споделам такви информации. Сепак, да ги оставиме експертите да си ја одработат својата работа на терен – рече Тошковски, пренесува МИА.
































