Фото: З.А.

Вечерва со почеток во 19 часот во ликовниот салон од Центарот за култура во Кичево, ќе биде отворена втората самостојна изложба на изработки од бакар на последниот кичевски казанџија Коста Галиманоски. На изложбата ќе бидат прикажани голем број бакарни штитови со илустрации кои датираат од времето на средниот век, бакарни амблеми, малолотражни казани и фигурички создадени од отпадно железо и бакар, слики во бакрорез и др.

-По десетина месеци интензивна работа целосно ја финализирав колекцијата на изработки од бакар кои ќе бидат претставени. Изложбата е доста обемна а јас во изминатите десетина месеци бев целосно фокусиран околу нејзината подготовка. За мојата втора самостојна изложба подготвив 12 бакарни штитови какви што пред повеќе векови се употребувале речиси во сите Балкански земји во време на војни. Нема да изостане и презентација на моите основни производи, казаните, а ќе бидат претставени малиот казан од 4 литри и нешто поголемиот со капацитет од 25 литри. За оваа изложба подготвив и голем број амблеми, а посебно богатство на истата ќе бидат десетината слики изработени во бакрорез со различна тематика и големина – истакна Галиманоски, кој очекува и оваа изложба како и претходната организирана лани во мај, да биде посетена од голем број љубители на казанџиството, бакрорезот и уметноста воопшто.

Тој нагласи дека овој опус покрај во родното Кичево ќе биде претставен и на изложбите кои планира да ги организира во главниот град, потоа во Битола, Охрид и останатите традиционални културни центри во Македонија. З.А.

Фото: З.А.