ФОТО:МИА

Втор ден протест на земјоделците од Овчеполскиот регион, кои бараат да добијат во доволни количини вода за наводнување на своите земјоделски култури. Поддршка добија од Националната мрежа за земјоделци.

Ѓорѓи Каракашев од Националната мрежа за земјоделци вели дека протестот на Овчеполските земјоделци е оправдан и смета дека она што се случува е срам за Владата и за Водостопанство „Брегалница“.

-Нема никаква одговорност и се подигруваат со човечки судбини. Ние сериозно ќе се зафатиме со решавање на овој проблем, ако треба ќе ги радикализираме протестите и ќе одиме до крај, а ќе ја информираме и канацеларијата на ЕУ, вели Каракашев.

Земјоделците побараа да се ослободат од плаќање на водарина, бидејќи нема доволен доток и притисок за да ги наводнат своите ниви со пченка, детелина, лозја, градинарски култури.

Надлежните од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска во писменото соопштение нагласуваат дека активно работат на обезбедување на дополнителни количини вода за светиниколско. Вработените од подружницата на АД Водостопанство, заедно со локалните канцеларии на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, веќе одреден период се на терен на разговори со земјоделците, при што заеднички со нив се подготвува планот за наводнување за оваа сезона. Планот предвидува вода до секоја обработлива површина и правилен распоред за наводнување.

-Преку програмите на Министерството фокусирани сме на два клучни проекти за целосно решавање на наводнувањето во Свети Николе, првиот се однесува на реконструкција на Десниот магистрален канал и санации на главниот цевковод во реонот на Истибања, кој ќе обезбеди доволни количини вода за Свети Николе и сите општини и населени места со кои управува светиниколската подружница на АД Водостопанство, вториот се однесува на целосна реконструкција на цевководот кој доаѓа од акумулацијата Мавровица, со што комплетно се обезбедува наводнување на површини од над 3.000 хектари земјоделска обработлива површина од Овчеполието, велат од МЗШВ.

Со Програмата за водостопанство и Програмата за рурален развој на министерството, потсетуваат, се обезбедува средства за зголемување на протокот на вода од цевководот Калиманци сѐ до последните обработливи површини во светиниколско. Проектот ќе опфати реконструкција на десниот магистрален цевковод со што ќе се елиминираат загубите на вода, паралелно на ова ќе се санираат свлекувања во Истибања. Дополнително се работи и на проект за вода за наводнување од браната Мавровица, со што ќе се реши проблемот со дефектите и навремената достава на водата до нивите.