Фото: МНР

Нашите тимови во Скопје и во Виена ќе бидат целосно посветени на мисијата. Со искрена посветеност и чувство на одговорност почестени сме и горди што ќе бидеме на кормилото на ОБСЕ во 2023 и што ќе бидеме чувари на нашите вредности и обврски.  Вредностите на ОБСЕ денеска се поважни од кога и да било, изјави денеска во Виена шефот на дипломатијата Бујар Османи во улога на претседавач на ОБСЕ на заедничката прес-конференција со генералната секретарка на организацијата Хелга Марија Шмид.

– Најголемиот предизвик во имплементацијата на нашата агенда ќе биде во контекст на тешките околности, но единството околу принципите и заложбите на ОБСЕ се изворот на надеж и охрабрување. Руската воена агресија врз Украина, која ги урива самите основи и заложби на Организацијата, го зајакнува ова единство. Денес, се чини дека нашите вредности се поважни од кога било. Актуелните предизвици не се причина за дефетизам, туку поттик за засилување на нашите напори и  ангажман –  истакна Османи.

Тој рече дека додека Украина ќе остане топ приоритет, мора да ги поставиме високо на агендата и другите конфликти во регионот на ОБСЕ, бидејќи, како што посочи, тие исто така се извор на тензии и човечко страдање.

– ОБСЕ останува важен повеќе од кога и да било. Сведоци сме на неговите потенцијали во минатото. Треба да создадеме услови на терен за целосно да го зголемиме потенцијалот на организацијата. Се докажа дека ОБСЕ може да ја големи довербата и да обезбеди предвидливост. Ова денес е од витално значење. Мора да дејствуваме овде и сега за доброто на луѓето. Луѓето се први кои се на удар на геополитичките превирања. Оние кои се изложени директно во воениот конфликт страдаат најмногу, тие најмногу ја чувствуваат несигурноста и небезбедноста – рече Османи.

Тој нагласи дека на обичните луѓе им е доста од политиката на моќ и оти тие се чувствуваат уморни од секојдневната неизвесност и размислуваат што ќе донесе утрешнината.

– Тие треба да се ослободат од стравот од војна и да им се врати мирот. Нашиот фокус овде во Хофбург мора да биде на луѓето. Тие треба да бидат во центарот на нашето внимание и размислувања. Сакам јасно да порачам, ние работиме за нив. Затоа, мотото и движечката сила на претседателството гласи „За луѓето се работи“. Постои, би рекол, органска врска помеѓу ова кредо и целокупната мисија на ОБСЕ. ОБСЕ е формирана поради оваа причина, неговата главна цел е да го спречи човечкото страдање – рече Османи.

Тој подвлече дека зборовите треба да се пренесат во акција, да се покаже политичка волја и да бидеме одговорни за сопствените акции.

– Луѓето во регионот на ОБСЕ очекуваат и заслужуваат одговорна акција. ОБСЕ нуди платформа за дијалог. Дијалогот е нешто што е многу блиску до нашето разбирање за градење мостови и решавање разлики. Дијалогот треба да биде значаен и базиран врз интегритет. За тоа да се случи ние повторно треба да се обврземе на нашите вредности – порача Османи.

Генералната секретарка на ОБСЕ Хелга Марија Шмид се согласи со Османи дека работата на ОБСЕ е за луѓето. Изрази очекување дека ОБСЕ ќе одговори на предизвиците на денешнината, посочувајќи дека ќе ја даде целосната поддршка на македонското претседавање со ОБСЕ, како и на останатите земји-членки на организацијата во наредните месеци.