Фото: Игор Бансколиев

Во Клиничка болница Тетово по пуштањето во употреба на Ургентен центар, министерот за здравство Фатмир Меџити и директорот Плумб Вела најавија дека во скоро време ќе се завршат повеќе проекти за подобро работење и поквалитетни услуги на граѓаните. Според министерот Меџити се прави обид за надминување на повеќегодишниот проблем и замена на расипаните лифтови.

– Во оваа установа решаваме и долгогодишен проблем како што е тој со лифтовите. За таа цел во тек е набавка на пет нови лифтови од Министерството, а во тек е постапка за набавка за два лифта преку Клиничка болница Тетово – изјави министерот Меџити.

На новинарските прашања како ќе се надминува недостигот на паркинг места, министерот рече дека тоа ќе биде истото решение што го има за Скопје.

– Го имаме истото решение како од Клиничкиот центар, тука ќе биде кај што беше модуларна болница. Инфективно одделение, гледаме како можеме да го преместиме од таму зошто условите се многу лоши – порача Меџити.

Тој одговори и дека за недостигот на медицински персонал во Влада побарал тематска седница.

– Ако сега дадеме на некој здравствен работник шестмесечен договор на дело, тоа по автоматизам по шест месеци да има трајно решение што подразбира за шест месеци моите колеги точно ќе знаат дали тој кадар може да ја работи таа работа, дали има способности за таа работа. Ако нема, ќе си заминат ќе бараат друго чаре, ако има такви способности ќе добие трајно решение – истакна Меџити.

Министерот рече дека ќе бара подобро менаџирање од директорите на болниците, за да не повторува ситуација годишниот буџет да не се искористува па на крај на годината ФЗО да ги повлекува тие пари.