Делегација на Владата предводена од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ заедно со заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, денеска положи цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, на Градските гробишта Бутел во Скопје.
– Денеска, кога се навршуваат 12 години од смртта на Киро Глигоров, со овој чин на чествување на делото на првиот претседател на независна Република Македонија, Владата му оддава признание на еден од врвните лидери на независноста на државата кој со своите мудри политички одлуки ги постави правците за развојот на македонската држава – се наведува во соопштението од СЕП.
Глигоров, како што е посочено во соопштението, е еден од најистакнатите градители на современото македонско општество, чувар на мирот, доследен и успешен следбеник на македонските дејци за независна и признаена држава.
Во 1991 година ја предводеше Македонија која по мирен пат се осамостои од дотогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија во која Глигоров извршуваше високи државни функции. На 8 април 1993 година Глигоров првпат се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите Нации кога Република Македонија стана 181. членка на ООН.
Киро Глигоров учествуваше во меѓународното признавање и афирмација на државата и ги постави темелните принципи за членство на денешна Македонија во најмоќната воено безбедносна алијанса во светот НАТО и за прифаќање на државата за членка на Европската Унија.
Глигоров почина на 1 јануари 2012 година во Скопје во својот дом на 94-годишна возраст.
Спасовски: Лидерството, истрајноста и визијата на Глигоров беа клучни во формирањето на нашата демократија
Со длабока почит се сеќаваме на великанот Глигоров кој ја предводеше нашата земја во време на големи предизвици и промени, и кој со својата несебична служба кон нацијата и заложба за Македонија како безбедна, напредна и европска држава во семејството на европските демократии, ја претставува енциклопедијата на македонската државност, напиша утрово на Фејсбук министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по повод 12-годишнината од смртта на првиот претседател на современата македонска држава, Киро Глигоров.
Неговото лидерство, истрајност и визија, како што посочува Спасовски, беа клучни во формирањето на нашата демократија.
– Државник кој со мудрост и умереност ги водеше преговорите за независноста на државата, демонстрирајќи дипломатска вештина и останувајќи цврст во барањето за мирен и достоинствен преод кон суверенитет. Тој останува симбол на стремежот кон европска иднина и единство на македонскиот народ – истакнува Спасовски.
На овој ден, како што вели Спасовски, се потсетуваме на таа непоколеблива посветеност кон нашата земја, за неговиот придонес кон изградбата на нашите институции и за вербата во принципите на демократијата и правната држава.
– Неговото наследство инспирира и служи како компас во нашите современи напори за напредок и развој. Нека ликот и делото на Киро Глигоров останат во вечно сеќавање на македонскиот народ! Слава му! – напиша министерот Спасовски.