Името на телевизијата формирана од фирмата „Преобразба“ ќе биде биде „Вистел“ или вистинска телевизија, најави митрополитот преспанско-пелагониски Петар во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“.
Телевизијата чиј сопственик е тој, добила дозвола за работа и треба да почне да емитува програма од 1 мај.
– Нашата телевизија не е свештеничка телевизија, ќе има 50 отсто забавен карактер, а 30 отсто образовен и документарен карактер. Во образовниот дел имаме ли цркви, манастири кои се распаѓаат а се под заштита како споменици на културата? Треба ли да ги заштитиме – истакна митрополитот Петар.
Тој се осврна и на прашањето за финансирање на телевизијата.
– Тоа да не го интересира никого, бидејќи ни мене не ме интересира кој вас ве финасира. Луѓето свој леб јадат, туѓо гајле берат. Оставете го гајлето на нас – кажа г. Петар.
Телевизијата, според г. Петар, ќе цели да го афирмира македонското културно богатство.
– Вистинска Телевизија ќе го афирмира нашето културно и македонското богатство што го поседуваме. Кога велам македонско, не мислам само на МПЦ, туку општо македонско наследство. Пристап ќе имаат на нашата телевизија од сите народи во Македонија. Ќе има и политичка програма. Во смисла, луѓе од политиката што ќе сакаат да гостуваат – објасни тој во „Топ тема“.