Архива / Фото: МИА

Полициско обезбедување на улицата „Самуилова“ во Скопје има и утринава, а во пресрет на утрешното чествување на раѓањето на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“. Околу местото кружат и полициски патроли бидејќи утрешниот настан е проценет како од висок ризик. Затворањето на „Самуилова“ се протега на потегот од улицата „Иљо Војвода“ (вијадукт Самуилова) до крстосницата со улицата „Прохор Пчињски“.

Пристапот до црквата „Свети Спас“ ќе биде дополнително ограничен во текот на утрешниот ден. Пристап ќе имаат акредитирани новинари и лица што ќе имаат дозвола, а настанот ќе се одвива по строг протокол. Веќе е познато дека МВР според безбедносна процена ќе запира и Бугари, кои ќе сакаат да влезат во Македонија, а претставуваат ризик за нашата држава.

Во изминатите два дена, пишува „Макфакс“, претседатели на одредени политички партии и претседатели на граѓански патриотски здруженија биле повикувани на разговор во полициска станица, а поводот бил чествувањето на раѓањето на Гоце Делчев.