Голема работа е што и Вашингтон и Брисел, иако ги знаат нашите „црвени линии“, го оценуваат пристапот кон дијалогот меѓу Белград и Приштина како конструктивен и одговорен, изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Во интервју за Гласот на Америка, Дачиќ истакна две црвени линии – прашањето за признавањето на Косово, односно прашањето за членството на Косово во Обединетите нации и „предусловот на сите предуслови“ – прво да се формира Заедница на општини со српско мнозинство.

– Тоа е нешто за кое навистина не треба повторно да разговараме или да преговараме, бидејќи тоа е нешто за што веројатно се договоривме кога го потпишавме тој договор пред 10 години – рече шефот на српската дипломатија, кој изминатите два дена беше во Вашингтон каде што беше гостин на Молитвениот појадок и се сретна со американски функционери во Стејт департментот и Конгресот.

За критиките на опозицијата во однос на планот за Косово, Дачиќ рече дека „кога имате вакво прашање, кое е од државно и национално значење, би било важно, пред сè, да излезете со единствен пристап кон сè“.

– Треба да знаеме што не прифаќаме. А за сè друго треба да имаме тактика за да не испадне дека сето тоа пропаднало поради нас – рече Дачиќ.

За тоа што Србија сè уште не се усогласила со надворешната политика на ЕУ и не вовела санкции против Русија, Дачиќ рече дека „не се работи само за Русија, има и други земји кои се под удар на санкции и затоа мораме да водиме сметка“.

– Сè додека немаме гаранции од Западот дека ќе бидат фер кон нас, не можеме лесно да се откажеме од нашата позиција и безбедни гласови кога станува збор за позицијата во однос на Косово и Метохија – рече Дачиќ.

На прашањето дали Србија е блиску штетата да стане преголема од невоведувањето санкции против Русија, Дачиќ одговори дека мисли дека не.

– Мислам дека прашањето на сите прашања сега е прашањето за Украина. За нас тоа прашање не може да се одвои од прашањето за Косово, односно од прашањето за територијалниот интегритет на Србија. Важно е тие што сакаат да разговараат за тоа со нас да имаат разбирање за нашата позиција –  рече Дачиќ.