Фото: Министерство за правда

Министерот за правда Кренар Лога се надева дека Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, релативно брзо ќе биде екстрадиран од Турција во земјава, но, рече дека рано е да се зборува бидејќи уште не се искористени сите правни лекови. Очекува претстојнава седмица Турција да ги земе нашите барања во постапката.

-Многу е рано да се зборува за што било како што кажавме и пред два дена. Ние релативно брзо очекуваме да биде испратен во Македонија, но треба да видиме дали ќе ги искористи сите правни лекови и дали системот во Турција ќе дозволи тоа да биде на начин како што ние побаравме. Испратени се документи неколку пати – преку ДХЛ, по електронски пат, преку нашето МНР и Амбасадата. Така што, верувам од понеделник натаму сите овие наши барања ќе бидат преземени во натамошната постапка во Турција – рече Лога.

Министерството за правда во четвртокот (7 декември) го испрати барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски. Од Министерството пред два дена соопштија дека оригинал документ е испратен по ДХЛ до Министерството за правда на Република Турција и во скенирана верзија е пратен и до Интерпол.

Барањето за екстрадација што министерот Лога го потпиша завчера доаѓа по апсењето на Палевски на 5 декември во Турција, откако ден претходно беше распишана меѓународна потерница по него како осомничен за две кривични дела – „грабнување“ и две убиства на свиреп начин.