Фото: Маја Јаневска-Илиева

Верниците од исламска вероисповед денеска го слават празникот Курбан Бајрам, вториот најголем празник на муслиманите по Фитр Бајрам.

На првиот ден од празникот се изведува молитвата за Бајрам – Бајрам намаз, со која верниците бараат милост од Алах.

Карактеристично за овој празник е принесувањето жртва – курбан, која има симболика на приближување кон Бога. Како курбан најчесто се принесуваат овни или телиња. Обичајот го изведуваат сите кои имаат можност, а тие кои принеле жртва, потоа им раздаваат од месото на сиромашните, соседите и на роднините.

Курбан Бајрам трае три дена, а прославата почнува 70 дена по првиот Бајрам во годината, Фитр Бајрам, и го обележува денот кога е комплетиран светиот Куран. Со овој празник се крунисува аџилакот, кој важи за петти темел на исламот, кој е доказ за солидарност и благосостојба.

По повод утрешниот празник Рамазан (Фитр) Бајрам честитка до верниците од исламска вероисповед упати поглаварот на ИВЗ Реисул Улема, Шаќир Фетаи.

– Со желби Возвишениот Аллах да ги прими нашите жртви, курбани и молитви, наградувајќи нè со Неговата милост и безгранични благодати, денес, со срце и душа, го очекуваме големиот празник Курбан Бајрам, празник што го означува извршувањето на обврската Хаџ, обврската на принесување курбан, како и деновите во кои Светиот Куран беше објавен за да биде упатство за целото човештво и за сите времиња. Во деновите на овој празник, милиони верници, со непоколеблива вера и висока свест, ја извршуваат обврската Хаџ за да го исполнат петтиот столб на исламот, сведочејќи во пракса за силата на верата и нивната посветеност кон Возвишениот Господ со зборовите: „Ти се одѕиваме, Господару наш, Ти се одѕиваме!“ Навистина, денес во благословената Каба, во долината Арафат и на другите свети места, верниците сведочат дека нивната цел е љубовта кон Аллах, кон самите себе и кон човекот. Во благословената Каба тие ја примаат пораката дека човештвото потекнува од еден маж и една жена, што ја подига свеста за еднаквоста во сите сфери на животот, за побожноста, почитта, човечноста и развојот во служба на човекот – вели Фетаи во честитката.

На овој голем ден, како што посочува, верниците со задоволство ја извршуваат божествената обврска на принесување курбан, сведочејќи во пракса дека богатството е дар од Бога и дека тоа не е цел на животот, туку средство за постигнување на неговите цели: верата, грижата за себе, за човекот, за сиракот, за сиромавиот, за знаењето и за човечката благосостојба.

-Ова го потврдува големиот исламски принцип дека нема големи дела без големи жртви и дека доброто се постигнува со жртвување дури и на најмилото што човекот го поседува. Затоа, празникот Курбан Бајрам, преку курбанот, гради конструктивна, умерена и мудра личност, посветена на доброто, солидарна, мирољубива и во секој момент внимателна за општото добро – потенцира Фетаи.

Тој во честитката вели дека овој празник го прави верникот свесен да ги оттурне од себе омразата, љубомората, агресивноста, потценувањето, дискриминацијата и поделбите.

-Тој симболизира висока свест за Создателот, грижа за здравото семејство, блискост меѓу луѓето, мудрост во постапките, љубов кон блиските, родителите и семејството, зацврстување на меѓучовечките врски, избегнување конфликти меѓу државите и народите, како и ширење мир, толеранција и солидарност за издигнување на поединецот, семејството и општеството во целина. По повод овој голем празник, ја користам оваа прилика, во име на Исламска верска заедница на РСМ и во мое лично име, да ви ги упатам најискрените и најсрдечните честитки до сите верници, нашите семејства, како и до нашите сонародници каде и да живеат. Честит Курбан Бајрам! – истакнува Фетаи во честитката.

________________________________________________________________________

Претседателката Силјановска Давкова со честитка до верниците

 

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, по повод големиот муслимански празник Курбан бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаи и до сите верници од исламска вероисповед.

– Дозволете ми Вам, лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите верници од исламска вероисповед, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот празник Курбан бајрам, со желба да го поминете во мир, радост и семејна благосостојба – стои во честитката од претседателката.

Силјановска – Давкова наведува дека во свет обременет со неизвесност, недоверба, отуѓеност и ослабено чувство на заедничка припадност, големите празници имаат силна духовна димензија и моќ.

Таа посочува дека Курбан бајрам, преку својата длабока симболика на дарување и пожртвуваност, упатува на вредности важни за моралната зрелост на заедницата: човечноста, емпатијата, солидарноста и одговорноста кон другиот.

– Токму во способноста да се зачуваат и да се изразат љубовта и грижата за ближниот, дури и во мигови на разлики и предизвици, се препознава и се мери интегрираноста на општеството. Само преку разбирање, заемно уважување и култура на почит, различностите можат да бидат предност, а не слабост, да станат мост, а не препрека, да прераснат во единство, надминувајќи ги поделбите. Честит Курбан бајрам – стои во честитката на претседателката по повод Курбан Бајрам.

МИА