Во „Ноќно студио“ на 4ТВ, синоќа гостуваше директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, кој се осврна на реновирањето на старата Комерцијална банка. Томовски истакна дека два дела од објектот, Новиот дел и Бисер, се комплетно готови, а во моментот се одвиваат активности во т.н. Стар дел, за кој, според информациите од изведувачот и надзорот, се очекува да биде завршен во втората половина на месец јуни.
– Минимум по двапати неделно одржуваме состаноци со проектанти, ревиденти, изведувачи и ние како инвеститори. Секојдневно сме на терен во самата стара Комерцијална банка. Објектот се состои од три различни делови: Новиот дел, Бисер и Стар дел. Новиот дел и Бисер се веќе комплетно готови. Останува уште Стариот дел, каде моментално се поставуваат машинскиот дел, електроинсталациите, подовите се поставуваат, а вратите се менуваат. Последниот рок е 20-ти јуни, по што ќе почнеме да наплаќаме пенали или да активираме банкарска гаранција. Сум разговарал и со изведувачот и според сигналите од надзорот, е можно да се заврши до овој рок – рече Томовски.
Директорот на СОЗР, Томовски, исто така зборуваше за размислувањата околу тоа кои институции би биле сместени во овој објект, а кои дел од нив моментално плаќаат закупнина. Целта е да се остварат финансиски заштеди и да се обезбедат соодветни простории за вработените согласно европските стандарди.
– Практично, ќе внесеме повеќе институции. На следната Владина седница ќе ги одземеме од право на сопственост од сите институции и ќе ги прераспоредиме. МИА ќе добие нови простории, Министерството за европски прашања, дел од Министерството за животна средина, Инспекторатот од Државниот завод за ревизија, Лотарија на Македонија, Второстепена комисија по жалби од работен однос, Национална агенција и Агенција за иселеништво. Овие институции моментално плаќаат закупнина, а преку прераспоредување ќе се остварат заштеди – рече Томовски.
Тој истакна дека се прави рационализација и на институциите им се доделуваат соодветни простории.
– Ако се придржуваме кон претходниот распоред, само МИА, Европски прашања и Второстепена треба да се вратат, другите остануваат каде што биле. Ние ги фузираме, правиме рационализација и им даваме соодветни простории, бидејќи според европските стандарди за еден вработен треба да има од 4 до 6 м². На овој начин се избегнува ситуација каде што во една канцеларија од 50 м² би бил сместен само еден вработен – заврши Томовски.


































