Фото: МИА

Реката Вардар се излеа и поплави површини во населените места Раотинце, Копанце и Туденце во Општина Јегуновце. Центарот за управување со кризи (ЦУК) извести дека претседателот на месна заедница од село Раотинце пријавил излевање на Вардар, при што поплавени се ниви и површина, како и околу 15 куќи од селото.

– Водата од реката се прелеала на критичните места кај Копанце и преку месноста „Старо Вардариште“ дошла во атарот на село Раотинце. Ова е второ излевање на водата од Вардар во време од еден месец во овој предел. Инаку, нивото на водата на Вардар во моментот е до максималната кота во коритото – се вели во соопштението на ЦУК.

Градоначалникот на Јегуновце, Димитар Костадиноски потврди дека излевањето на Вардар е причина за поплави, а воедно и посочи дека поплавени се ниви и во Туденце.

Според последните информации има известување до ЦУК дека опасноста од надојдената вода во Општина Јагуновце се намалува. Конкретно, излеаната вода во Раотинце полека се повлекува.