Фото: Влада

Реконструкцијата и модернизацијата на Универзална сала, еден од најзначајните културни симболи на Скопје, претставува проект од исклучително значење, бидејќи со новиот изглед градот ќе добие современа, функционална и репрезентативна културна институција, пренесе МИА.

Во обновениот објект ќе има простор за врвни концерти, театарски претстави, фестивали и големи културни настани. Реконструкцијата е планирано да заврши до декември 2027 година, а проектот има особено значење и во рамки на подготовките на Скопје за Европска престолнина на културата 2028.

На денешниот увид во градежните активности присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Мицкоски изјави дека очекува објектот да биде завршен во предвидениот рок и во рамки на буџетот, посочувајќи дека до 2028 година мора да бидат финализирани сите објекти поврзани со проектот „Европска престолнина на културата“.

Министерот Љутков информираше дека постапката за избор на изведувач е успешно завршена и дека проектот ќе се реализира по принципот „клуч на рака“.

Тој нагласи дека станува збор за инвестиција во иднината на македонската култура, уметниците, публиката и идните генерации.

Градоначалникот Ѓорѓиевски изрази задоволство од почетокот на реализацијата и истакна дека по долго време на Скопје му се враќа еден од неговите најпрепознатливи културни симболи.