Фото: Маја јаневска Илиева

Министерство за образование и наука засилено ги спроведува реформите во образованието, а бројот на компании вклучени во дуалното образование веќе ја надминал предвидената цел од 700 компании до декември 2026 година. Во моментов, во системот се вклучени над 800 компании – изјави министерката Весна Јаневска.

Таа истакна дека компаниите го препознаваат бенефитот од учеството во креирање кадри според сопствените потреби, додека учениците добиваат можност да стекнат практично знаење директно кај работодавачите, пренесе МИА.

Јаневска говореше на настан по повод доделување грант од 500.000 евра за Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, училиштето СОУ „Кочо Рацин“ од Свети Николе и три компании.

Според неа, бројот на ученици во дуалните паралелки расте секоја година. Во стручно образование се запишани 66 проценти од средношколците, а околу 30 проценти од нив се дел од дуалното образование.

Министерката најави дека концептот ќе се прошири и во високото образование преку новиот Закон за високото образование, со кој ќе се овозможи практичната настава во одредени области да се реализира како дуално образование под менторство на експерти од реалниот сектор и универзитетите.

Со поддршка од владите на Германија и Швајцарија, преку Регионален фонд за предизвици, ќе се реализира проектот „Паметна обука во преработката на производи од млеко и месо“.

Во рамки на проектот ќе биде изграден и опремен современ Центар за обука за преработка на млеко и месо, ќе се изработат наставни програми и материјали, а ќе бидат поддржани квалификациите млекопреработувач и преработувач на месо и месни производи.

На настанот присуствуваа и претседателот на Стопанска комора Бранко Азески, германската амбасадорка Петра Дрекслер, претставници на швајцарската амбасада и меѓународни партнери.