Министерот за правда Никола Тупанчески во интервју за 360 степени коментирајќи го изборот на Ислам Абази за шеф на ОЈО ГОКК рече дека лично не го познава, а обвинителите се тие кои одлучиле за изборот.

– За краток временски интервал ќе се знае дали е избран вистинскиот човек. Гласаа 163 обвинители. Изборот го направија тие. Се работи за сериозна функција каде се постапува по комплексни теми. Какви ќе бидат резултатите и довербата за тој јавен обвинител ќе покаже времето. Во секоја професија има луѓе кои заслужуваат истата да ја извршуваат или не. На секој треба да му дадеме шанса – потенцира Тупанчески.

Тој смета дека во иднина би било добро да има измени во однос на построги правила и критериуми за избор на прв човек на ова обвинителство. Главниот проблем според Тупанчески не е квалитетот на законите туку капацитетот на институциите, интегритетот и начинот на правораздавање.