Со литургија, закројување на лозите винаријата „Стоби“ го одбележа празникот Св.Трифун, заштитникот на виното и винарите
По повод празникот Свети Трифун, во винарницата „Стоби“ по 13-ти пат се одржаа тради-ционалното закројување и осветување на виновата лоза. И оваа година, за разлика од претходните, поради мерките за заштита од ковид-19, на традиционалното закројување на лозјето изостануваше масовното присуство на граѓани, кои со исклучително квалитетно вино, богата трпеза и убава музика се традиција и белег на закројувањето во винарницата. Овој пат одмерено и дискретно, но со висока доза на духовност и посветеност кон виното и филозофијата на „Стоби“, закројувањето се одржа во присуство на сопственикот со блиското семејство и раководниот тим на винарницата.
– Овој ден за нас е посебен, 13 – та година по ред го славиме овој за нас значаен празник, воедно и роденден на Винаријата. Се надеваме на бериќетна година, и следната да го прославиме заедно со сите љубители на вино овој ден Св.Трифун, истакна сопственикот на винарија „Стоби“, Минчо Јорданов.
Иако оваа година традиционалната масовност на прославување изостана, сепак, винарница „Стоби“ со желба да ја одржи и оваа традиција, организираше разно промоции на виното низ земјата.
Винариница „Стоби“ годишно произведува 4,5 милиони литри високо квалитетно вино, од кои само 24 отсто се пласираат на домашен пазар, а дури 76 проценти се наменети за извоз на 18 пазари од регионот и светот. Најголеми извозни пазари се Кина, Сад и Русија, но значителна продажба остваруваат и во европски држави Холандија, Данска, Белгија и земјите од регионот.
Фото: Игор Бансколиев