Во СВР Скопје од 2022 година до денес се евидентирани вкупно 1.275 случаи на семејно насилство, а податоците покажуваат значително зголемување на бројот на случаи што се процесуираат по брза постапка, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Информацијата беше презентирана при посетата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на Одделението за семејно насилство при СВР Скопје, каде што се разговарало за работата на службата, предизвиците со кои се соочуваат полициските службеници и постигнатите резултати.
Според статистиката, во 2022 година биле пријавени 326 случаи на семејно насилство, во 2023 година – 216, во 2024 и 2025 година по 273 случаи, додека во 2026 година, заклучно со денес, се регистрирани 187 случаи.
Истовремено, значително е зголемен бројот на предмети процесуирани по брза постапка. Во 2022 година биле процесуирани 10 случаи и биле изречени четири мерки на претпазливост, во 2023 година – 18 случаи и седум мерки, во 2024 година – 25 случаи и 11 мерки, во 2025 година – 34 случаи и 15 мерки, додека во 2026 година досега се процесуирани 52 случаи и се изречени 23 мерки на претпазливост.
Од МВР посочуваат дека во споредба со 2022 година, бројот на случаи процесуирани по брза постапка, како и бројот на изречени мерки на претпазливост, е зголемен за повеќе од пет пати, што, според Министерството, укажува на побрза и поефикасна институционална реакција.
Министерот Тошковски нагласил дека семејното насилство останува еден од приоритетите во работењето на полицијата и порача дека институциите ќе продолжат со навремена заштита на жртвите и решително постапување против сторителите.
































