Топлотниот бран во Македонија прераснува во топлотно цунами

Прегревање, топлотен удар и топлотна синкопа – сериозни закани за здравјето

Најчувствителна популација на појава на негативни ефекти како резултат на изложување на високи надворешни температури се малите деца, бремените жени, повозрасните и лицата со хронични болести, кои имаат намалена способност за регулирање на нивната телесна температура

Големите горештини и температури и над 40 Целзиусови степени, според предвидувањата на метеоролозите, ќе траат до утре, кога се очекува мало спуштање на живата во термометрите. Климатските промени, вклучувајќи ги порастот на надворешните температури и зголемувањето на честотата и интензитетот на екстремните временски услови, се сериозни закани по здравјето на луѓето преку негативните здравствени ефекти на топлотните екстреми.
– Здравствените ефекти можат да се манифестираат преку дехидрација, топлотен удар, топлотни грчеви, појава на кардиоваскуларни, респираторни и целеброваскуларни болести – објаснува д-р Емилија Христовска, специјалистка по медицина на трудот во „Ре-медика“.

Токму поради тоа луѓето треба да знаат како да се заштитат.
Најчувствителна популација на појава на негативни ефекти како резултат на изложување на високи надворешни температури, како што објаснува таа, се малите деца, бремените жени, повозрасните и оние со хронични болести, кои имаат намалена способност за регулирање на нивната телесна температура.
– Опасноста од зголемена температура врз човечкиот организам особено влијае кога се во комбинација високата температура на воздухот и топлотното зрачење, високата релативна влажност, малите брзини на струење на воздухот и интензивното мускулно напрегање – вели д-р Христовска.

Прегревање и топлотен удар – може да биде многу опасно

Топлотното прегревање е релативно честа појава при подолготрајно изложување на високи температури. Д-р Христовска објаснува дека тоа се манифестира со вртоглавица, главоболка и појава на претколапсна состојба, а се третира со одмор, престој во постудена средина, како и со соодветно хидрирање на телото со доволно внесување течности и електролити.
– Многу посериозна состојба што најчесто настанува при изложување на висока температура во комбинација со висока влажност на воздухот е топлотниот удар. Топлотниот удар е состојба на инсуфициенција на терморегулацискиот механизам на организмот. Тој се карактеризира со нарушена функција на нервниот систем, со генерализирана анхидроза, односно се нарушува одбранбениот механизам на потење, со што се јавува пораст на температурата на телото над 40,6 Целзиусови степени.

Други клинички симптоми се: забрзан пулс, пад на крвниот притисок, задушување, повраќање и губење свест. Предупредувачки рани знаци за појава на топлотен удар се исипување по кожата и мускулни грчеви, кои настануваат како резултат на недостиг од електролити. Најголем ризик за појава на топлотен удар постои при извршување физичка активност на висока надворешна температура, недоволно внесување течности со појава на дехидрација и несоодветна облека, која оневозможува изладување на телото. Топлотниот удар може да резултира со сериозни компликации врз виталните органи, мозокот и срцето, како и со смртен исход – вели д-р Христовска.

Првата помош при појава на топлотен удар се состои во ладење на телото со ладна вода или ладни облоги, внесување течности и соодветна стручна медицинска помош, за да се спречи настанување на компликации, односно оштетување на виталните органи, срцето и мозокот.

Топлотна синкопа, грчеви и сончаница – како да се помогне

Топлотна синкопа е состојба што настанува како последица на долготрајно изложување на висока температура. Таа се карактеризира со субјективно чувство на гадење, физички замор, хипотензија, вазомоторен колапс, главоболка, мачнина, слабост, замор, а се третира со одмор, престој во постудена средина, како и соодветно хидрирање на телото со доволно внесување течности и електролити.
– Топлотни грчеви се болни мускулни спазми, кои вообичаено се јавуваат при извршување физичка активност во топла средина. Тие настануваат како резултат на губење течности и електролити (натриум, калиум и магнезиум), а почнуваат нагло, со појава на грчеви на дланките, потколениците и стапалата, и често се болни и лимитирачки. Веднаш треба да се прекине физичката активност, лицето да се смести во изладена просторија, да се надоместат изгубените течности и електролити и мускулите нежно да се истегнат – објаснува докторката.

Сончаница се јавува како резултат на долготрајно дејство на инфрацрвена сончева радијација на главата. Појавата на ова заболување е поврзана со непосредно затоплување на мозокот и најчесто се јавува кај работници изложени на интензивни сончеви зраци.
– Веднаш се применува ефикасно ладење со фино распрснување ладна вода за брзо струење на воздухот. Пациентот се поставува во лежечки став еден-два часа. Се додаваат течности преку уста, особено минерална вода. Не се даваат алкохолни пијалаци. Поради загубата на солниот дефицит, поради преголемо потење, се даваат големи количества вода и електролити – додава нашата соговорничка. Н.М.


Портокаловиот аларм активен до крајот на работната седмица

До викендот ќе биде претежно сончево и многу топло, со максимална дневна температура што наместа ќе надминува 40 Целзиусови степени. Портокаловото ниво за опасност од високи температури ќе биде активно до крајот на работната седмица. В петок и за време на викендот, во попладневните часови ќе има појава на локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а дневната температура ќе биде во постепено опаѓање, известува УХМР. Н.М.


Што да се преземе за да се превенираат негативни здравствени ефекти од високите температури?

Во услови на високи надворешни температури треба:

  • да се носи тенка и светла облека
  • да се внесуваат доволно течности, со што ќе се овозможи соодветен процес на перспирација (потење) и ќе се одржува нормална телесна температура
  •  да се избегнува консумирање алкохол и кофеин
  • да се избегнуваат престој и физичка активност во најтоплиот период од денот
  • особено внимателни да бидат лицата со хронични заболувања, кои треба редовно да ја земаат соодветната терапија. Н.М.

Внимателно со климатизерите

За време на летните горештини, климатизерите може да бидат опасност по здравјето, особено за оние со дегенеративни промени на ‘рбетниот столб, вратот и половината, објаснува прим. д-р Иванка Стефановска, ортопед во „Ре-медика“.
– „Вкочанетоста“ на вратот и половината поради директна изложеност на климатизер е главна причина за болки и намалена подвижност во тие регии. Најпрво треба да ја изладиме просторијата, а при одржувањето на температурата никако не смее да се дозволи директно влијание на студениот воздух врз телото. Спиење во просторија со постојано вклучен климатизер може да доведе до вакви последици – вели докторката.
Со климатизерите е потребна внимателност и во автомобилите, особено при долги патувања. Н.М.