Фото: Влада

Дводневниот билатерален скрининг состанок за Поглавјето 23, „Правосудство и фундаментални права“, покажа дека имаме системски капацитет и подготвеност да го надоградиме со европските правила на функционирање – оцени вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ по завршувањето на скрининг состанокот во Брисел.

– Спроведувањето на судската реформа ќе биде пресудна во преговорите со ЕУ. Членството во Европска Унија е наша стратешка цел, а сите обврски кои треба да ги исполниме за да успееме во тоа, ги преземаме заради обезбедување на граѓаните ефикасни институции кои ќе работат врз европските стандарди и принципи – рече вицепремиерот Маричиќ, кој е и главен преговарач со ЕУ.

Виепремиерот задолжен за европски прашања, како што соопштија од СЕП, истакна дека Поглавјето 23, „Правосудство и фундаментални права“ бара темелен пристап и оти нè чека уште многу работа, но дека политичка волја и заложба има за спроведување на реформите со видливи резултати.

– Политичка волја имаме и спремни сме за забрзано реформирање, со конкретен план и задачи за секоја институција. Усогласеноста е на добро ниво, сега мораме да се фокусираме на активностите кои ќе дадат мерливи резултати, кои имаат директно влијание врз секојдневниот живот на граѓаните – посочи Маричиќ.

Според него, процесот на проширување ќе биде движечка сила за реформите, за демократијата, слободата на медиумите, граѓанските слободи и владеењето на правото и сите институции треба максимално да се посветат.

Главниот преговарач е убеден дека може да се исполнат задачите кои Европската комисија ги бара во оваа област и најави дека следува период во кој ќе се работи на планирање на реформите и подготвување на Патоказот, кои треба во пракса да дадат брзи резултати.

Во овие два дена македонскиот преговарачки тим презентираше на три теми: Антикорупција и фундаментални права, со акцент на антикорупциската политика и законодавството во однос на справување и борбата со корупцијата, административните капацитети и инструменти, евиденција, степенот на усогласеност и судство, низ дваесет и четири презентации.

Билатералните скрининг состаноци за Кластер 1, „Фундаментални вредности“ продолжуваат следната недела. В понеделник ќе се одржи билатерален скрининг за областа „Економски критериуми“, во вторник за областа „Реформа на јавната администрација“ и Поглавје 32 „Финансиска контрола“, а в среда ќе се за областа „Функционирање на демократските институции“.

Билатералните скрининзи за трите области – Економски критериуми, Реформа на јавната администрација и Функционирање на демократските институции се одржуваат прв пат согласно новата методологија – наведуваат од СЕП.