Македонија не ги исполнува целосно минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе, но прави значителни напори да го стори тоа. Владата покажа севкупни зголемени напори во споредба со претходниот период на известување и затоа Македонија остана на ниво 2. Ова стои во извештајот за трговијата со луѓе што денеска го објави американскиот Стејт департмент, пренесува „Гласот на Америка“ на македонски јазик.
– Овие напори вклучуваа зголемување на вкупните напори за спроведување на законот, вклучително и истрага, гонење и осудување на повеќе трговци со луѓе. Владата продолжи да ги зголемува ресурсите за засолништето за жртви на трговија со луѓе. Министерството за внатрешни работи (МВР) и Државниот инспекторат за труд потпишаа меморандум за соработка за подобрување на координацијата на истрагите за трговија со луѓе, вклучително и преку заеднички инспекции и обуки. Сепак, владата не ги исполни минималните стандарди во неколку клучни области – се вели во извештајот.
Обвинителството за организиран криминал и корупција (OCCPO) немаше доволно ресурси за да се справи со сите случаи под нејзина јурисдикција, а некои локални полициски и окружни обвинители не пријавиле потенцијални случаи на трговија со луѓе до Работната група за борба против трговија со луѓе (наменска група) или OCCPO и користеле кривични дела со поблаги казни за гонење на трговците со луѓе. И, додека владата го зголеми финансирањето на засолништата, сепак тоа покрива само мал процент од оперативните трошоци, посочува Стејт департментот.
Мигрантите и бегалците кои патуваат или се криумчарат низ Македонија, особено жените и децата без придружба, се ранливи на трговија со луѓе од нивните криумчари или други мигранти. Невладините организации известуваат дека децата со ментална и физичка попреченост се сè поранливи на трговија со луѓе, се вели во извештајот за трговијата со луѓе објавен од Стејт департментот на САД.