Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска во рамки на официјалната посета на Обединетите Арапски Емирати остварил средба со шефот на дипломатијата на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
– На средбата ги потврдивме добрите билатерални односи и конструктивната соработка меѓу двете земји, а разговаравме и за унапредување на политичкиот дијалог и економската соработка. Во оваа насока, во име на Владата, потпишав два меморандуми – за економска соработка и за соработка помеѓу дипломатските академии на двете министерства за надворешни работи – објави министерот Муцунски на неговиот фејсбук профил.