Фото: Игор Бансклолиев

Директорот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи Даријан Сотировски не го коментира „отворањето телевизија од страна на владиката Петар“, но очекува тој да ја запознае јавноста со деталите за влезот во медиумскиот бизнис.

– Немам став во однос на користењето на права коишто се со закон гарантирани во државата. Тоа е достапна можност. Во овој момент немаме детали каков концепт е запазен. Доколку правото се искористи онака како што е предвидено во нашата правна рамка, е за поздрав, но треба да видиме. Немаме се уште детали, јас очекувам субјектот којшто добил дозволи од Агенцијата за медиуми да излезе и да ја запознае јавноста, затоа што во еден момент тој треба и да и се обрати на јавноста, треба да емитува сигнал токму за јавноста – рече Сотировски во одговор на новинарско прашање на настанот по повод формирањето на „Групата на пријателство“ помеѓу МПЦ-ОА и ИВЗ.

На барање од фирмата „Преобразба“, во сопственост на митрополит преспанско-пелагониски Петар, чие световно име е Петар Каревски, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) даде дозвола за отворање телевизиски канал со претежно забавен општ формат, кој ќе зрачи во регионот на скопското подрачје.

Согласно Одлуката, која е донесена на 28 февруари годинава од страна на Советот на АВМУ, телевизискиот програмски сервис на правното лице Друштво за производство туризам промет и услуги ПРЕОБРАЗБА ДООЕЛ Скопје ќе се емитува преку јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресурс. Концесијата се доделува за временски период од девет години.

Владиката Петар досега се нема јавно изјаснето за плановите во однос на отворањето на телевизијата.