Денот на згрижувањето во Македонија, кој традиционално се одбележува на 1 јуни, е ден посветен на подигнување на свеста за значењето и важноста на згрижувањето на децата кои се наоѓаат во различни видови социјална и семејна ранливост. Овој ден има за цел да ја истакне улогата на згрижувачите и значењето на нивната поддршка и љубов кон децата кои поради различни причини не можат да живеат со своите биолошки семејства.
Згрижувањето претставува највисок степен на алтруизам и човечност, бидејќи згрижувачите им нудат на децата стабилност, љубов и можност за раст и развој во безбедна и поддржувачка средина. За многу деца, згрижувањето е шанса да имаат нормално детство, исполнето со радости, учење и заштита.
-На 1 јуни, ние им оддаваме почит на сите згрижувачи кои несебично го посветуваат своето време и енергија за да им пружат топлина и грижа на децата. Исто така, овој ден е можност да се потсетиме на важноста на поддршката од страна на општеството и институциите во создавањето на услови за квалитетно згрижување. Затоа денес на Денот на згрижувањето, ги славиме и уважуваме не само згрижувачите, туку и сите кои работат за подобрување на системот за згрижување и за правата на децата. Ги охрабруваме сите граѓани да размислат за можноста да станат згрижувачи или да го поддржат овој важен процес на друг начин, бидејќи секое дете заслужува шанса за среќно детство и светла иднина. Нека овој ден не потсети дека згрижувањето не е само одговорност на неколкумина, туку колективна обврска на сите нас. Да работиме заедно за подобра иднина за нашите најмали и најранливи членови на општеството – велат од СОС Детско село.
На овој ден сакаат да ја подигнат свеста за важноста на згрижувачките семејства кои во својот дом овозможуваат поддршка многу деца кои поради различни причини не можат да живеат со своите биолошки семејства за да имаат нормално детство, исполнето со радости, учење и заштита.
-Во овој контекст згрижувачките семејства се многу важен дел од нашата заедница. Згрижувачите го отвораат својот дом и срца за оние на кои грижата им е најпотребна, за децата без родителска грижа и овозможуваат тие да растат во топлината и безбедноста на семејството – велат оттаму.
Центарот за поддршка на згрижувачките семејства на СОС Детско село Скопје, по повод одбележувањето на 1 Јуни – Денот на згрижувачи, а со цел промоција на згрижувањето како социјална услуга и ширење на мрежата на згрижувачки семејства, планира организирање на промотивен настан.
Сите заинтересирани кои сакаат да дознаат нешто повеќе за постапката сместување на деца без родителска грижа во згрижувачко семејство, кој се може да стане згрижувач, односно носител на дејност сместување во згрижувачко семејство, законските критериуми за регистрација и поддршката која ја добиваат згрижувачките семејства, вклучително и информации за финансиските надоместоци за услугата, можат да дојдат на посочената локација во East Gate каде стручните лица од Центарот за поддршка на згрижувачки семејства со задоволство ќе одговорат на сите отворени прашања.
Промотивни активности по повод Денот на згрижувањето во Македонија
1.Скопје (East Gate) Изложба или Инсталација – 4 тематски куќички кои информираат за згрижувањето. Инсталација ќе биде поставена во период од 3 дена (31ви мај, 1 и 2 јуни 2024)
2.Струмица – Трговски Центар Глобал Изложба или Инсталација – тематска куќичка која информира за згрижувањето.
3. Гевгелија – Настанот ќе се реализира на ден 31ви мај (петок) во период од 10 до 12 часот на плоштадот во Гевгелија.
Планирано е:
• При непосредна комуникација со граѓаните и случајни минувачи стручните лица од ЦПЗС СОС Детско село и ЦСР Гевгелија ќе поделат информативни флаери и мотивациски честитки и ќе информираат за згрижувањето како услуга.
• Обраќање до медиуми на градоначалник Андон Сарамандов;
• Обраќање до медиуми на директорката на ПУ СОС Детско село Наде Качакова;
4. Свети Николе – Настанот ќе се реализира на 31 мај (петок) во период од 15 до 17 часот во градскиот парк во Свети Николе.
Планирано е:
• При непосредна комуникација со граѓаните и случајни минувачи стручните лица од ЦПЗС СОС Детско село и ЦСР Свети Николе ќе поделат информативни флаери и мотивациски честитки и ќе информираат за згрижувањето како социјална услуга.
• Обраќање до медиуми на градоначалник Дејан Владев;
• Обраќање до медиуми на директорката на ПУ СОС Детско село Наде Качакова;