Вкупно 28 случаи на пертусис, позната и како голема или магарешка кашлица, се евидентирани на територија на Скопје до утрово, потврди за МИА д-р Лулзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје.
Комисијата за заразни болести, меѓу другото, донесе препорака за прогласување епидемија на голема кашлица во Скопје.
Здравствените власти периодов апелираат до граѓаните да се вакцинираат и себеси и најмладите, со цел да се заштитат од пертусис. Како што нагласуваат, вакцината која се прима на 2,4,6,18 месеци и на 7 години е клучна за да се спречи понатамошно ширење на болеста.
УНИЦЕФ изрази загриженост поради растечкиот број случаи на голема кашлица во земјата и поради вестите за случаи со мали сипаници во регионот и се придружи кон повикот на здравствените експерти, до родителите и старателите, да ги вакцинираат децата што пропуштиле вакцинација.
Заменик министерката за здравство во техничката Влада, Маја Манолева во понеделникот, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека пунктовите во здравствените домови работат со продолжено работно време.
– Конкретно во Здравствен дом Скопје, отворени се дополнителни смени во повеќе поликлиники низ градот и пунктовите за вакцинација дополнително ќе работат и сабота. Точно е дека има гужва. Би повикала на родителите од овие причини во редовните термини за вакцинација да ги вакцинираат своите деца, да не се соочиме повторно со некој ваков бран во понатамошниот период и за морбили и за други заболувања за коишто би требало децата да се вакцинираат во редовниот календар. Но, еве, овозможивме услови да и во овој период дополнително работат пунктови за имунизација со продолжено работно време – рече Манолева.
Манолева одговараше и на новинарско прашање, дали Министерството има поднесено барање до Обвинителството за луѓе кои антивакцерството го споделуваат на социјалните мрежи, со навреди до докторите каде што навистина се кажуваат некои тези против вакцините кои наштетуваат во делот на имунизацијата и родителите им веруваат.
– Во моментот имаме луѓе кои не се доктори, а кои навистина имаат големо влијание според коментарите и нивните следбеници дека нема да ги вакцинираат своите деца. Падот на имунизација во изминативе години, би рекла две децении е можеби резултат на влијанието и на медиумите, но и на се поголемиот број луѓе коишто го пропагираат антиваксерството кое што не е засновано на медицина базирана на докази. Имено, токму ваквиве ситуации како оваа со пертусисот, како минатата година со морбили, можеби повторно годинава со морбилите да имаме проблем, ако не продолжиме со зголемување на стапката за имунизација, би довеле навистина до сериозни последици по здравјето на нашите граѓани и сметам дека токму ова треба да биде поводот сите ние да видиме кон што одиме, слушајќи ги тие наводи коишто ни ги даваат антиваксерските групи -појасни таа.
Во однос на сезонскиот грип, информираше дека досега се вакцинирани преку 60 илјади луѓе.
– Сѐ уште имаме пациенти коишто се јавуваат со потешка клиничка слика на сезонски грип пред сѐ во болниците, тоа се сепак пациенти коишто имаат многу коморбидитети, дополнителни заболувања кај коишто инфекцијата со сезонски грип дополнително ја комплицира целата ситуација – појасни Манолева.
Во државава има хоспитализирани деца, но и возрасни со пертусис. Надлежните сепак изминатите денови изјавија оти кај нас состојбата е стабилна и за разлика од други држави во регионот, за среќа, немаме смртни случаи.