Фото: ЕПА

Изјавата на италијанскиот обвинител Никола Гратери по сѐ изгледа се остварува. Албанските криминални организации (кланови, мафија) сѐ повеќе се зајакнуваат, а во врска со тоа во неколку наврати пишувавме за дела извршени во Обединетото Кралство. Со поддршка на веќе добро етаблирани мафијашки организации, како што е Ндрагета, албанската мафија покажа дека е способна да шверцува големи количества кокаин во Европа

БОРБАТА ПРОТИВ ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ СЕ РАЗГОРУВА: НОВ ТЕЖОК УДАР ЗА Т.Н. АЛБАНСКА МАФИЈА

Во една пригода, пред неколку години, италијанскиот обвинител Никола Гратери изјави дека „албанската мафија постојано расте во Европа и ќе биде мафија на иднината“! Таа изјава беше фрапирачка за јавноста, дотолку повеќе што други форми на криминални организации, т.н. мафии, вклучувајќи ја и италијанската, имаат долга историја на постоење и извршување сложени облици на кривични дела. Но изјавата на италијанскиот обвинител Никола Гратери по сѐ изгледа се остварува. Албанските криминални организации (кланови, мафија) сѐ повеќе се зајакнуваат, а во врска со тоа во неколку наврати пишувавме за дела извршени во Обединетото Кралство. Со поддршка на веќе добро етаблирани мафијашки организации, како што е Ндрагета, албанската мафија покажа дека е способна да шверцува големи количества кокаин во Европа.

Првите истраги поведен и уште во 2019 година

Почетокот на годинава беше обележан со голема акција на европската полиција. Имено, италијанската и албанската полиција презеле акција против голема мрежа што се занимава со шверц на дрога и која дејствува во двете земји. Со поддршка на Европравда и Европол, во оваа акција беа уапсени 59 лица, а во Италија на уште десет осомничени им се изречени други мерки на претпазливост. Во акцијата учествуваа и властите од Германија, Велика Британија и од Шпанија.
Според Европол, мрежата главно шверцувала хероин, кокаин, хашиш и марихуана во Германија и во Шпанија, користејќи автомобили со двојно дно или тајни прегради.
Првите истраги против албанската криминална група ОКГ беа почнати во 2019 година, од страна на Канцеларијата на јавниот обвинител во Фиренца – Окружната управа за борба против мафијата.
Од јануари 2020 година, италијанските и албанските власти на Специјалната антикорупциска структура (СПАК) во Тирана стапија во контакт со Агенцијата на Европската Унија за соработка во областа на кривичната правда (Европравда) за да ја координираат прекуграничната судска соработка против ОКГ.
Судската соработка меѓу Европа и Албанија ја олеснува Европравда, бидејќи таа е една од 11-те земји надвор од ЕУ што имаат обвинител во агенцијата.
По барање на италијанските и албанските власти, Европравда го поддржа создавањето наменски заеднички истражни тимови меѓу Јавното обвинителство во Фиренца и СПАК и обезбеди финансиска, логистичка и оперативна поддршка за операциите.
Минатата година во првата полициска акција против истата организирана криминална група беа уапсени 21 осомничен и по тој повод беше запленета дрога вредна 2,7 милиони евра.
Експертите на Европол исто така обезбедија обемна аналитичка поддршка и експертиза за албанскиот организиран криминал, овозможувајќи идентификација на клучните цели и мапирање на нивните криминални активности низ Европа.
Двајца офицери на Европол беа распоредени на теренот во Албанија и во Италија во текот на денот на акцијата за поддршка на националните власти во нивните истражни мерки.

„Дрога скриена во пратки со туна“: Уште една голема акција во декември – меѓу уапсените имало претежно Албанци

На оваа акција ѝ претходеше уште една голема акција на европската полиција, која се случи во декември минатата година. Дури и тогаш фокусот беше на заплена и апсење поради препродавање дрога.
Во две одвоени акции шпанската полиција запленила дури 11 тони кокаин, кои биле во пратките со туна од Јужна Америка, а како што се наведува, за шверцот на оваа дрога е одговорен балканскиот картел.
Како што пренесоа светските медиуми тогаш, станува збор за една од најголемите заплени на кокаин. Надлежните велат дека соработката меѓу картелите во Европа и светот е високоразвиена, а балканскиот картел е дефиниран како еден од најсилните и најактивните. Нивниот фокус е на Европа, но со текот на времето тие го менуваат моделот на дејствување.
Шефот на Централната бригада на единицата за борба против дрога и организиран криминал на шпанската полиција, Антонио Мартинез Дуарте, во таа пригода изјави дека најголемиот дел уапсени во овие акции, покрај колумбиско, доминиканско и шпанско, имаат албанско потекло.
– Поврзаноста на акциите е во тоа што ние веруваме дека зад сите овие организации стојат луѓе со албанско потекло – рече тој, посочувајќи дека вниманието на европската полиција веќе подолго време го привлекува мафијата од Југоисточна Европа, балканскиот картел.
– Албанските мафии веќе некое време го монополизираат транспортот на дрога, не само во Европа туку и во Латинска Америка. Овие организации се етаблираа во местото на потекло (Латинска Америка) и го контролираат транспортот на дрога од почетокот до крајот – додаде тој тогаш.
Комесарот Карлос Гомез, шеф на Централниот оддел за дрога, објасни како овие картели вообичаено функционираат и изјави дека контролата на трговијата со кокаин во Европа е променета.
– Отидовме од херметички затворени организации, како старите колумбиски и мексикански организации што го контролираа целиот процес, до многу поотворени, атомизирани, интернационализирани организации, кои одат дотаму што создаваат криминални задруги за споделување ресурси – објасни тој.

Извештај за предупредување за глобалната трговија со кокаин

Инаку, според последниот извештај на Агенцијата на Обединетите нации за борба против наркотици и криминал (УНДОК), Северна Америка и Западна и Централна Европа, и понатаму најголемите црни дестинации (шверц на наркотици), се организираат поради илегална продажба на кокаин.
Најново, групите што зборуваат албански се издвојуваат како главни играчи на европскиот пазар на кокаин, но, како што беше посочено, забележливо е зголемено ниво на соработка меѓу криминалните мрежи составени од актери од различно етничко потекло. Според извештајот на УНДОК, побарувачката за понуда на кокаин во светот се зголемува, а одгледувањето на растението кока и производството на кокаин биле на рекордно ниво во 2021 година.
За само четири години, од 2013 до 2017 година, одгледувањето се удвои, достигнувајќи врв во 2018 година, а по коронавирусот имаше уште еден нагло зголемување во 2021 година. Истовремено, органите на прогонот запленуваат поголеми количества кокаин, а во последните години се забележува растечки тренд на поголеми заплени во поголемиот дел од регионот.
Според УНДОК, иако кокаинот од Латинска Америка сè уште завршува најмногу во Северна Америка и Централна и Западна Европа, пазарите во југоисточниот дел на Стариот Континент, во кој оваа агенција ги вклучува Турција, Романија, Бугарија, Албанија и земјите од поранешниот Југославија – Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија и Србија, вклучувајќи го и Косово, за кое како територија посебно се зборуваше во извештајот, растат побрзо.
Се предвидува дека улогата на овие земји од Југоисточна Европа во трговијата со кокаин веројатно ќе продолжи да расте.
Југоисточна Европа е една од влезните точки за кокаин наменет првенствено за европските пазари. Врз основа на запленетите количества, се чини дека кокаинот сѐ повеќе се шверцува низ Турција, чија улога се издвојува пред сѐ како транзитна земја, иако дел од него завршува и на домашниот пазар.
Организираните криминални групи од Балканот се главните актери во трговијата со големи количества кокаин во Источна Европа, се наведува во извештајот.

Како функционира балканскиот картел и како заработува?

Балканскиот криминален картел е софистициран сојуз на повеќе криминални организации и ќелии што долго време соработуваат, предводени од газди во неколку земји. Медиумите и агенциите за спроведување на законот, вклучувајќи го и Европол, често ја споменуваат доминацијата на балканскиот картел, чиј главен приход доаѓа од трговијата со дрога, пишува на веб-страницата „Глобална иницијатива“, која е независна граѓанска организација со седиште во Женева.
Имено, според нивните наводи, криминалниот картел произведува, транспортира и дистрибуира дрога со помош на членови на своите организации низ светот, кои тесно соработуваат со одредени картели. Исто така, нивната работа е да перат пари од трговијата со дрога.
Според оваа страница, балканскиот картел би бил „поврзување на контролните организации од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Македонија, Романија, Србија“.
Организациите имаат солидна хиерархиска структура и свои лидери, а показателите се дека тие не се обединети, туку соработуваат до одредено ниво, додека на некое друго ниво се перципирани како ривали.
Исто така, „Глобална иницијатива“ пишува дека балканскиот картел главно дејствува во некаква југосфера на криминал. Тие обично покажуваат атрибути на криминални мрежи вклучени во илегалната трговија со стоки, но немаат територијална контрола или какви било други карактеристики на мафијашките групи. Тие обично се транснационални и соработуваат преку етнички граници.
Исто така, според „Глобална иницијатива“, меѓу нив има ривалство, па кланот од Црна Гора често ги гледа Албанците како свои ривали.
Групите од Балканот се исто така ефикасни во работата со колеги надвор од регионот, на пример тие се добро поврзани со дилери на кокаин во Латинска Америка или со дистрибутери во Западна Европа. Накратко, повеќето организирани криминални групи на Балканот работат во повеќе криминални мрежи.

[email protected]