Сите ученици кои од следната учебна година ќе се запишат во прва година во средните училишта на подрачјето на Скопје ќе добијат бесплатни училишни униформи, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Според него, целта на оваа мерка е да се намалат социјалните разлики меѓу учениците и да се создаде поеднаква и побезбедна училишна средина.
– Училиштето треба да биде место каде што младите ќе се натпреваруваат во знаење, труд и успех, а не во тоа кој носи поскапа облека и чии родители имаат поголема финансиска моќ – порача Ѓорѓиевски преку објава на социјалните мрежи.
Градоначалникот посочи дека со воведувањето на униформите ќе се намали финансискиот товар за семејствата, а учениците ќе можат повеќе да се насочат кон образованието, личниот развој и постигнувањето успех.
Од Град Скопје наведуваат дека униформите треба да придонесат за воспоставување еднаков и достоинствен кодекс на облекување во училиштата, како практика која веќе се применува во повеќе образовни системи низ светот.
– Вредноста на еден ученик не се мери според облеката што ја носи, туку според знаењето, карактерот и соништата што ги гради – истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека ова е една од мерките со кои се работи на создавање училишна средина во која секое дете ќе се чувствува прифатено, почитувано и еднакво, без оглед на економскиот статус на неговото семејство.



































