„Балкан енерџи груп” (БЕГ), која е одговорна за парното греење на голем дел од домаќинствата во Скопје, ќе остане без лиценца во моментот кога ќе престане да испорачува топлинска енергија во Скопје, а одговорноста за снабдување со топлинска енергија ќе ја преземе Владата, откако претходно вчера БЕГ соопшти дека има пари за набавка на гас до крајот на денешниот ден, изјави претседателот на Регулатроната комисија за енергетика Марко Бислимоски.

Денеска се чека каков потег ќе преземе приватната компанија, од кој зависи дали Владата би назначила управа која ќе ја води нејзината работа за скопјани да се топлат со парно греење. Граѓаните се во неизвесност дали ќе имаат ладни или топли радијатори.

– Предлогот што го понуди БЕГ за Регулаторната комисија е неприфатлив, имајќи предвид дека сите опции што ги понудија и Регулаторната комисија и Владата, БЕГ и ТЕ-ТО ги одбија. Се разбира дека одговорноста за снабдување со топлинска енергија ќе си ја преземе Владата кога веќе БЕГ кажува дека тоа нема да може да го прави од сабота, но затоа Регулаторната комисија ќе им ја одземе лиценцата за работата. Дополнително, нека не очекуваат некој друг да им го реши проблемот за тие во мај да се вратат како принцеви на бели коњи. Сè што треба да преземе државата за да си ги заштити граѓаните, ќе преземе – рече вчера Бислимоски за „Сакамдакажам.мк“.

Претходно, БЕГ, која снабдува голем дел од домаќинствата во Скопје, соопшти дека има средства за набавка на гас само до крајот на денешниот ден и побара од Владата времено да го преземе управувањето со компанијата сѐ до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона.

– Има средства за набавка на гас до крајот на утрешниот ден. Како општествено одговорна компанија информираме дека немаме повеќе ресурси да обезбедиме финансирање на грејната сезона без државна помош за компензирање на тарифита за производство на топлинска енергија со што не ќе можеме да продолжиме со производство на топлина. За да се обезбеди непрекинато производство на топлинска енергија, предложивме Владата да ја преземе во времено управување компанијата почнувајќи од 14 јануари 2022 година се до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона – наведе вчера БЕГ во соопштението.

Исклучувањето на парното може да засегне 54.000 домаќинства, 95 образовни установи и 1.027 други објекти во главниот град.

Владата проблемот со струјата и парното одлучи да го решава со еден потег. Ќе се активира во полн капацитет когенеративната електрана ТЕ-ТО, и ќе работи од 5 наутро до 1 часот по полноќ наредниот ден, седум дена во неделата, а не само пет. Министерот за економија Крешник Бектеши појасни дека ТЕ-ТО ќе работи седум дена во неделата во период од 05 до 01 часот со полна моќност, а АД ЕСМ ќе го откупува вишокот на електрична енергија што компанијата нема да го продаде на слободниот пазар, за што ќе биде потпишан договор меѓу двете компании. Мерката ја донесе на вчерашната седница, а ќе важи до крајот на месецов со можност да биде продолжена, доколку има потреба од тоа, затоа што во земјава е прогласена кризна состојба во енергетиката.
Министерот за економија Крешник Бектеши, кој вчера ја образложи владината одлука, рече дека со ставањето на ТЕ-ТО во полн капацитет ќе се обезбедат дополнителни количества и на електрична енергија, и на топлинска енергија.

– Со тоа ќе се овозможи континуирано, квалитетно и економски исплатливо снабдување со топлинска енергија на потрошувачите во Скопје и во исто време при постоење на кризна состојба во снабдување со електрична енергија ќе се овозможи да се заштедат природните ресурси кои АД ЕСМ ги користи за производство на електрична енергиј – рече Бектеши.

Во вторникот Владата предложи да покрие 80 отсто од разликата меѓу реалната и актуелната цена на парното греење, а останатите 20 отсто да ги покрие Град Скопје заедно со скопските општини. Од Градот информираа дека немаат ресурси да помогнат во покривањето на дел од трошоците на БЕГ за набавка на природен гас. Според градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, треба да се донесат национални мерки за спас од енергетската криза, но тоа е надлежност на централната, а не на локалната власт.

– Треба да преземе се што е неопходно за граѓаните да бидат заштитени и да ја поминат зимата онака како што заслужиле. Не само што им беше зголемена сумата што ја плаќаат за 14 проценти, туку заслужуваат и подобри услови. Треба да се донесат национални мерки за спас од оваа криза и тие треба да ги донесе централната власт. Локалната власт не може да носи национални мерки и политики. Нашиот став е конзистентен – немаме надлежност и немаме можности – изјави Арсовска за „ТВ21“.

Таа смета дека одговорноста треба да ја понесе Владата затоа што не ја разрешила ситуацијата кога имала можност и не размислувала кои ќе бидат реперкусиите од зголемувањето на цените на енергенсите на светските берзи. Преседан е, рече Арсовска, Владата да бара градот да биде спасител за проблемот со енергетската криза.

Состојбата со топлинската енергија не помина без партиски препукувања.