Одлуката е донесена на Советот на општината на 20 април 2022 година. Сега уште еднаш, еден месец однапред, им се соопштува на родителите што не се жители на општината, дека од 10 јуни нема да можат повеќе да ги посетуваат градинките во општина Карпош затоа што за 306 дечиња од Карпош во моментот нема место, односно 200 деца од други општини се сместени во истите тие градинки, вели градоначалникот на општината Карпош, Стевчо Јакимовски
Родителите чии деца не живеат на територијата на општина Карпош, најдоцна до 10 јуни ќе мораат да ги отпишат своите деца што одат во градинките во оваа општина. Оваа одлука е донесена на седница на општината во април, меѓутоа дури вчера била доставена до градинките.
Многу родители се во паника. Некои сакаат да вадат нови лични карти, некои бараат место под кирија во близина на градинката, само за да не мора да ги испишат своите деца од градинка.
– Зарем со оваа одлука, согласно Законот за заштита на деца, не се прави дискриминација на детето (по основ на место на живеење) и не се прекршува правото на детото за здружување и образование? Иако одлуката е донесена на 20 април 2022, била доставена до градинките на само еден месец пред „истекот на ултиматумот“, притоа оставајќи ги засегнатите родители пред свршен чин, без никакви опции – стои во дописот на еден од засегнатите родители.
Загрижените родители испраќаат апел до Владата и до ресорното министерство да најдат решение за овој проблем, кој ги загрижува неколку стотици семејства затечени од новонастанатата ситуација.
– Ние како загрижени родители повикуваме на солидарност од страна на општината, која досега излегла во пресрет на многу наши сограѓани. Верувајте, ние не би ги носеле нашите деца по неколку километри во градинките на општина Карпош доколку не би биле принудени од недоволниот број на слободни места во општините во кои живееме. Во услови на светска криза каде државите членки на Европската Унија преку мерки се обидуваат да им помогнат на своите граѓани, ние се соочуваме со ситуација каде поради една избрзана одлука егзистенцијата на многу семејства се става во ризик – стои во дописот од загрижени родители.
Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, ја потврдува одлуката и вели дека е донесена поради оние деца што живеат во Карпош, а за кои нема места во градинките.
– Точна е информацијата дека на 10 јуни ќе им биде ускратено гостопримството на сите дечиња чии родители не се жители на општина Карпош. Одлуката е донесена на осмата седница на Советот на општина Карпош, одржана на 20 април 2022 година, а јас ова го најавив уште во декември минатата година, но веројатно некој не сакал сериозно да ја прими информацијата. Сега уште еднаш, еден месец однапред, им се соопштува на родителите што не се жители на општината, дека од 10 јуни нема да можат повеќе да ги посетуваат градинките во општина Карпош затоа што за 306 дечиња од Карпош во моментот нема место, односно 200 деца од други општини се сместени во истите тие градинки. Родителите што живеат во општина Карпош и не можат да ги згрижат децата во градинка, тука плаќаат данок и нѐ гласале нас да им ги решаваме проблемите – вели Јакимовски.
Според него, во градинките има место за уште околу 150 деца, меѓутоа недостасува и персонал, па тоа само го усложнува проблемот.
– Во градинките на територијата на Карпош има 11 слободни училници со капацитет
за околу 150-160 деца. Но, за жал, немаме согласност од надлежните министерства
да примиме персонал. Истовремено, повеќе од 25 негувателки, воспитувачки и
технички персонал се заминати од различни причини и за нив нема одобрение да се
пополнат испразнетите места. Од тие причини градинките се во многу тешка
ситуација. Вработените со крајни напори успеваат само да ги згрижат децата, но,
за жал, отсуствува воспитната и образовната компонента. Сето ова оди на штета на
децата од општина Карпош, а јас како одговорен субјект, кој е избран од овие
граѓани, морам да најдам решение – вели градоначалникот Јакимовски.