Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ја утврди цена на топлинската енергија согласно актуелните берзански цени на природниот гас.

-Одлуката е донесена на барање на снабдувачите со топлинска енергија БЕГ и Скопје Север поради енормното зголемување на набавната цена на природниот гас, која има доминантно влијание при утврдување на регулираниот максимален приход за вршење на дејноста. Имајќи ја оваа состојба во предвид, Владата донесе одлука за прогласување на кризна состојба со топлинската енергија и предвиде мерки за да се избегне ценовниот шок за сметките за домаќинствата кои се греат на топлинска енергија да останат исти. Ова е практично принципот на солидарност за кој зборував, во време на енергетска криза, во овој случај Владата ќе преземе дел од товарот со цел да се заштитат потрошувачите и да немаат зголемени сметки – изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Претходно РКЕ на 31 јануари донесе одлука за цената на топлинската енергија во Скопје со која беше прифатено поскапување од 14,05 отсто. Сегашната одлука, како што велат од РКЕ, е со реална цена, но тоа нема да значи зголемување на сметките што ги плаќаат граѓаните.