Секторот за инспекциски работи на Општина Центар, во придружба на градежна механизација, на улицата Самоилова на Кале отстрани нелегално изграден објект на непознат инвеститор.
– Градбата што е отстранета е објект од втора категорија, со димензии десет метри на 5,5 метри, изграден од армирано-бетонска конструкција, на земјиште сопственост на Република Северна Македонија – информираат од Општината.
Оттаму додаваат дека секторот за инспекциски работи на Општина Центар по извршениот вонреден надзор, постапувајќи по членот 134, став 1, алинеја 1 и по членот 137, став 1 од Законот за градење, донесе решение за отстранување на објектот, затоа што инвеститорот не поседува одобрение за градба и друга документација. Инвеститорот, во согласност со членот 142 од Законот за градење, има три дена за сам да постапи по решението. Откако истиот тој не постапил, Секторот за инспекциски работи присилно го отстрани објектот.
– Општина Центар упатува апел до сите инвеститори и сопственици на нелегални објекти да постапуваат по издадените решенија за отстранување на објектите. Во спротивно, Општината присилно ќе ги отстрани, со што трошоците за отстранувањето ќе паднат на товар на инвеститорите, односно сопствениците на нелегално поставените објекти – потенцираат оттаму.