Фото: Архива

Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ) при ССМ бара од градоначалничката на Град Скопје да ја преиспита одлуката на новоназначениот в.д директор на „Водовод и канализација“ Скопје за прекин на договорите за вработување на повеќе од 100 вработени.

Од Град Скопје претходно информираа дека вонредната ревизија на вработувањата што ги склучил поранешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје, Златко Перински покажала дека речиси 100 лица се нововработени за неколку месеци.

Оттаму порачуваат дека „Град Скопје нема да толерира расипничко однесување кое претставува дополнителен товар врз буџетот во услови на економска и енергетска криза. Од тие причини се ревидира оправданоста на новите вработувања во ЈП „Водовод и канализација – Скопје“.

– Партизацијата и корупцијата е рак на македонското општество, но и на државните институции кои повеќе од 30 години се деградирани од однесувањето на одредени поединци. Нема да дозволиме средствата на граѓаните да се трошат за вдомување на партиски кадри и нема да се дозволи корупција, непотизам и остварување лични и теснопартиски интереси, нема да дозволиме да се прави нешто што е на штета на скопјани – се вели во дописот.

Од СУТКОЗ бараат од градоначалничката Данела Арсовска да не дозволи да останат на улица над 100 фамилии во услови на светска економска и енергетска криза. СУТКОЗ се спротиставува и на, како што посчуваат, незаконските прераспоредувања на работниците во „Водовод и канализација“ Скопје со едностран акт на директорот.

– СУТКОЗ и ССМ секогаш се залагаат и се борат договорите и решенијата за прераспоредување да бидат законски со двостран акт – договори за вработување помеѓу работниците и работодавачите и затоа бараме итна средба со в.д директорот на ЈП Водовод и канализација Скопје како и со градоначалничката на Град Скопје за да спречиме дополнителни штети кон работниците во оваа светска, економска и енергетска криза и неизвесност – се вели во соопштението.