Град Скопје и јавното претпријатие „Водовод и канализација“ годинава започнуваат со реализација на проектот за изградба на пречистителна станица за третман на отпадни води во Скопје, како најголем еколошки проект за Скопје и скопјани, проект во вредност од 136 милиони евра. Со проектот ќе се прочистат 90 проценти од водите во градот.
Вчера во просториите на ЈП „Водовод и канализација“ се отворија тендерските понуди за дизајн и изградба на пречистителната станица.
Градоначалничката Арсовска истакна дека изградбата на оваа пречистителна станица е најголем еколошки капитален проект за Скопје и скопјани, додавајќи дека на овој начин конечно ќе се овозможи третман на урбаните отпадни води во согласност со ЕУ-стандардите.
– Со изградба на оваа пречистителна станица за третман на отпадни води, Скопје конечно има можност да се развива во еколошка метропола што се грижи за животната средина и се грижи за скопјани. Ако досега отпадните води одеа директно во Вардар, притоа свесно загадувајќи ги животната средина и јавното здравје, сега конечно ќе имаме можност активно да дејствуваме, да ги менуваме работите и да му ставиме крај на загадувањето на реката Вардар, на градот, но пред сѐ дa обезбедиме подобра вода за пиење на населението и да го подобриме квалитетот на живот на скопјани – рече Арсовска.
На настанот се обрати и претставникот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Алесандро Брагонзи, кој истакна дека овој проект е од огромно значење за жителите и за градот Скопје. Брагонзи посочи дека од голема важност е што проектот се одвива непречено и со одлично темпо и додаде дека со финализација на овој проект ќе се реши проблемот со отпадните води, ќе се зачува животната средина и граѓаните на Скопје ќе имаат почиста вода.
Директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, во своето обраќање ги презентира постапките на реализација на овој значаен еколошки капитален проект, осврнувајќи се на важноста на изградбата на пречистителната станица, за која вели дека не само Скопје туку и градот ќе има над 90 проценти прочистени води.
– Иницијативата за ваков тип проект, со кој што конечно ќе се воведе еколошки систем за прочистување на водите во Скопје, е уште од 2007 година, повторно актуализирајќи го ова прашање во април 2017 година, со изработка на студија за финансирање, градење и работење постројка за третман на отпадни води за главниот град Скопје – уникатен документ студија за изводливост, како надградба на претходната студија за оправданост. По долг процес на консултации, изработка на техничка документација и активен ангажман на цел тим професионалци во оваа област, денеска можеме конечно да најавиме дека сме во фаза пред почнување на изградбата на пречистителна станица за отпадни води во Скопје. Со овој проект инвестираме во Скопје, за нашите сограѓани, но креираме и подобра иднина за идните генерации – истакна Перински.
Пречистителната станица за отпадни води во Скопје ќе се простира на површина од 13 хектари, во општината Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар, во областа Трубарево, и ќе биде со капацитет од еквивалент 500 илјади жители.