Надлежните апелираат до граѓаните за рационално користење на водата / Фото: Архива „Нова Македонија“

Според податоците од минатите години на „Евростат“, жителите на земјите на ЕУ просечно трошат околу 200 литри вода дневно, додека во Македонија просечната потрошувачка достигнува до 323 литри по жител дневно. Само во Скопје налето секој жител во просек троши околу 500 литри

Нерационално користење на водата во главниот град

Топлотниот бран што го зафати главниот град ги натера скопјани да се разладуваат на секаков можен начин. Изминатиот период беше значително зголемена потрошувачката на вода, бидејќи оние граѓани што не заминале да се разладуваат на езеро, планина или море, во домашни услови се разладуваат наводнувајќи ги дворовите и полнејќи базени.
Поради зголемената потрошувачка на вода во Скопје, јавното претпријатие „Водовод и канализација“ го вклучи алармот. Со оглед на тоа што периодов има зголемена суша, а на повидок нема најава за некој значително голем влажен бран, надлежните апелираат до граѓаните за рационално користење на природниот еликсир на животот.

Потрошувачката на вода зголемена за 30 отсто

– „Водовод и канализација“ апелира до скопјани рационално и внимателно да ја користат водата во деновите со екстремно високи температури. Особено да се избегнува непотребно трошење на водата за полевање бавчи и ниви, полнење базени и слично, што предизвикува нестабилност во водоснабдувањето во високите зони на градот, како што се на пример Припор и Сопиште, каде што во текот на последните неколку дена е забележана енормна потрошувачка на вода, која доколку не се рационализира, може да доведе и до прекини во водоснабдувањето – велат од претпријатието.
Податоците на „Водовод и канализација“ покажуваат зголемена потрошувачка на водата, чие дневно производство достигнува и над 340.000 кубни метри, што е за 30 отсто повеќе во однос на зимскиот период од годината.
– Апелираме до граѓаните на Скопје рационално да ја користат и употребуваат водата за пиење, односно да се избегнуваат полевање поголеми површини, разладување дворни површини и улици и непотребно трошење на водата за време на топлите денови – велат од претпријатието.

Нема вода ни за да се вклучи машина за перење

Жителите на повисоките населени места велат дека секое лето имаат проблем со водоснабдувањето.
– Пред некое време во Ракотинци неколку дена немавме вода затоа што потрошувачката беше значително зголемена. Нам што живееме тука тоа ни претставува проблем секое лето. Мојата мајка живее во Припор и таму периодично се јавува проблем, притисокот на водата значително се намалува, а тоа значи дека е невозможно, на пример, да вклучи машина за перење алишта – вели Милица Стојановска од Ракотинци.
Спасот од горештините во главниот град граѓаните со дворови или поголеми тераси го наоѓаат во разладување во мали базени, особено оние со мали деца.
Само во скопски Бутел речиси нема двор во кој нема детско базенче, кое се полни на дневна основа, бидејќи водата во него многу брзо се валка и е невозможно е да стои неколку дена.
– Полниме базен секој ден. Децата ми се мали, не внимаваат на хигиената, па морам секој ден одново да го полнам. Знам и свесна сум дека на тој начин ја зголемувам потрошувачката на вода, но на жештиниве ова е единствената забава што моите деца ја имаат за да се разладат – вели Марина Димовска, жителка на Бутел.

Секој скопјанец налето троши 500 литри вода

Според податоците од минатите години на „Евростат“, жителите на земјите од Европската Унија просечно трошат околу 200 литри вода дневно, додека во Македонија просечната потрошувачка достигнува до 323 литри по жител дневно. Само во Скопје налето секој жител во просек троши околу 500 литри вода.
Врз основа на спроведениот мониторинг од страна на надлежните во водоводното претпријатие пред неколку години, потрошувачката во просек на дневно ниво се движи помеѓу 280.000 и 290.000 кубни метри, а во деновите со многу високи температури достигнувала и до над 300.000 кубни метри.
– Како и секоја година, апелираме до граѓаните за рационална и одговорна потрошувачка на водата за пиење, но и зголемување на свесноста за значењето на природните ресурси, како и факторите што влијаат на нив. Сите облици на злоупотреба на водата за други потреби (полевање зеленило, полевање земјоделски површини и разладување на улиците, диви приклучоци и сл.) доведуваат до проблеми во снабдувањето со намален или слаб притисок, а на одредени места и до прекин во водоснабдувањето. Тоа со години се забележува пред сѐ во приградските населби и високите зони – апелираат од претпријатието.