Илустрација: „Нова Македонија“ со помош на ВИ

Редакциска анализа: Зошто претседателските избори во Франција наредната година се важен репер за евроинтегративниот процес на земјите кандидати

Кога станува збор за иднината на Европската Унија, вклучувајќи го и нејзиното проширување, малку избори имаат тежина како претседателските избори во Франција. Причината не е само во тоа што Франција е една од најголемите и најмоќни земји членки, туку затоа што речиси секоја голема европска политичка пресвртница во последните три децении на некој начин минувала низ Париз. Затоа денес, додека Европа се обидува да најде одговор на најголемата дилема – дали да се прошири или најпрво да се реформира – погледите сè повеќе се насочени кон тоа кој ќе биде наследникот на Емануел Макрон во 2027 година


Воведни согледувања

И по Макрон – Макрон

Кој ќе ја диктира иднината на европското проширување

Прашањето за тоа кој ќе стане претседател на Франција наредната 2027 година навистина станува сѐ позначајно, барем за Македонија. А генерално, одговорот на тоа прашање е и одговор за тоа кој тежишно ќе ја обликува идната европска архитектура.
Доколку Франција остане со Макрон, на курсот што и досега го следеше, проширувањето најверојатно ќе продолжи (барем декларативно) да се третира како „геополитичка неопходност“. Во свет во кој Украина е метафора за иднината на Европа кроена по политичкиот шнит на актуелните либерални елити од Брисел, Унијата и понатаму ќе гледа на приемот на нови членки низ политичка призма, а сѐ помалку низ принципите на исполнување востановени (Копенхашки) критериуми.
Но, постои и поинаква политичка струја, која последните години добива сè поголема поддршка во Франција. Предводник на таа струја е партијата Национален собир, со лидерката Марин Ле Пен и нејзиното протеже, младиот заменик Џордан Бардела.
Нивната суштина не е напуштање на Европската Унија, туку редефинирање на нејзините приоритети. Наместо нови проширувања, акцентот се става на заштита на националниот суверенитет, контрола на миграцијата, конкурентноста на европската економија и институционалната реформа на самата Унија. Во таков модел проширувањето би останало на европската агенда, но би се движело со значително побавно темпо и под многу построги политички услови.
Сепак, можеби најреалното сценарио не лежи ниту во едната ниту во другата крајност.
Во Брисел веќе извесно време се развива идејата за постепена, фазна интеграција – концепт според кој кандидатите би се вклучувале во одделни европски политики, фондови и институции уште пред формалното членство. На тој начин Унијата би ја зачувала политиката на проширување, но би го намалила стравот кај дел од сегашните членки дека новото проширување ќе донесе дополнителни институционални и финансиски оптоварувања.

Токму затоа, Франција по Макрон нема да одлучува само за сопствениот политички правец. Таа во голема мера ќе влијае врз тоа дали Европската Унија ќе остане проект што се шири или ќе стане проект што најпрво се затвора во себе за да се преуреди.
За земјите од Западен Балкан оваа дилема има исклучително практично значење. Одлуките што ќе се носат во Париз ќе бидат речиси исто толку важни како и реформите што ќе се спроведуваат во Скопје, Тирана, Подгорица или Сараево.
Тоа е новата реалност на европската политика, каде што домашните избори во големите земји членки стануваат дел од внатрешната политика на земјите кандидати.
Во таа смисла, наследникот на Макрон, дури и да остане Макрон лично, нема само да ја одредува француската надворешна политика. Тој ќе биде еден од клучните политички актери што ќе одлучуваат дали Европската Унија ќе остане верна на својата, ајде да речеме, „политика на проширување (?!)“ или ќе започне нова етапа на европска консолидација, во која членството ќе стане уште потешко достижна цел.
Можеби затоа важно прашање за Западен Балкан по 2027 година е кој ќе победи во Франција.
И уште поважно е каква Европска Унија ќе сака да гради новиот станар на Елисејската палата – Унија што ќе ги отвора своите врати или Унија што најпрво ќе ги зацврсти своите ѕидови. Р.С.


По Макрон – Ле Пен?

Што би значела победата на Марин Ле Пен (или Џордан Бардела) за иднината на проширувањето на Европската Унија?

  • Француските претседателски избори во 2027 година сè уште не се одржани, кандидатурите и политичките околности може да се променат, а надворешната политика на Франција зависи и од владата, парламентот, уставните овластувања на претседателот и пошироката динамика во Европската Унија. Сепак, врз основа на досегашните јавни ставови на лидерите на Националниот собир, Марин Ле Пен и Џордан Бардела, како и програмските позиции на нивната партија, може основано да се очекува дека евентуална нивна победа би ја направила Франција значително повоздржана кон натамошното проширување на ЕУ!

Дебатата за иднината на проширувањето на Европската Унија веќе не е само прашање на исполнување на критериумите од страна на земјите кандидати. Таа сè повеќе станува прашање на внатрешната политика на самите земји членки. Најголемото внимание денес е насочено кон Франција, која е една од државите без чија политичка согласност практично не може да се донесе ниту една стратешка одлука во Унијата.
Доколку во 2027 година француските претседателски избори резултираат со победа на Марин Ле Пен, која води во анкетите за јавното мислење и која вчера изјави дека ќе учествува во изборната трка во 2027 година, Европа би можела да се соочи со најголемата политичка промена во својата политика на проширување уште од француското вето за Македонија и Албанија во 2019 година. Иако денес не може со сигурност да се предвиди како би изгледала нејзината европска политика во целост, јавните настапи, интервјуа и програмските определби на партијата Национален собир овозможуваат да се направи доста јасна политичка процена.

Ниту Ле Пен ниту Бардела не се против ЕУ, туку против нејзиното понатамошно ширење

За разлика од политиката што ја застапуваше Марин Ле Пен пред десетина години, кога Националниот собир размислуваше и за напуштање на ЕУ, сега постојат политички финеси што откриваат дека од тој став има ретерирање. И Џордан Бардела, нејзиниот заменик, кој претставува нова генерација европски суверенисти, често во јавноста повторува дека нивната стратегија не е излез од Унијата, туку нејзина темелна трансформација одвнатре. Во настапите на лидерите на Националниот собир доминира тезата дека Европската Унија треба да стане сојуз на суверени држави; да врати повеќе надлежности кај националните влади; да ја намали улогата на Европската комисија; да стави поголем акцент врз националниот интерес отколку врз натамошната интеграција.
Во таква визија, проширувањето не се гледа како геополитичка инвестиција, туку како дополнително оптоварување на Унијата.

Украина како симбол на противењето на Ле Пен и Бардела за проширување на ЕУ

Најјасната позиција лидерите на Националниот совет ја имаат околу Украина. На пример, во повеќе телевизиски интервјуа во текот на 2025 и 2026 година Бардела повторува дека „не поддржува украинско членство во Европската Унија“! Аргументите што ги користи најчесто се дека „Украина би претставувала огромен финансиски товар за европскиот буџет“; дека „нејзиниот земјоделски сектор би создавал сериозна конкуренција за француските земјоделци“; дека „членството би ја нарушило заедничката земјоделска политика“, како и дека „Унијата најпрво мора да ги реши сопствените институционални проблеми пред да прима нови членки“.
Во неговата реторика честопати се провлекува тезата дека „Европа не треба автоматски да ги презема сите геополитички последици од војната во Украина. Сосема ист став има и претседателката на партијата Марин Ле Пен, така што кој било од нив двајца да биде претседателски кандидат, би ги застапувал истите ставови.

Балканот не е во фокусот – но логиката е иста

Иако и Ле Пен и заменикот Бардела значително поретко зборуваат за Западен Балкан отколку за Украина, од нивните ставови за проширувањето, со анализа е можно да се извлечат одредени заклучоци.
Имено, Националниот собир традиционално смета дека Унијата веќе функционира исклучително тешко и со 27 членки; дека „секое ново проширување дополнително го усложнува донесувањето одлуки“; дека „најпрво треба да се спроведат внатрешни институционални реформи“ и дека „европските даночни обврзници не треба да финансираат нови членки додека постојат економски проблеми во самата Унија“.
Оттаму, малку е веројатно дека француската администрација евентуално предводена од Ле Пен (или можеби помладиот заменик на Марин, Џордан Бардела) би била ентузијастички поддржувач на брз прием на земјите од Западен Балкан. Р.С.


Последици по евроинтеграциите за земјите од Западен Балкан доколку победи Ле Пен

За земјите кандидати од Западен Балкан евентуална победа на Ле Пен најверојатно би значела продолжување на веќе забавениот процес. Можно е отворањето и затворањето на преговарачките кластери да станат уште потешки; политичките критериуми да добијат поголема тежина; институционалните реформи во ЕУ да станат предуслов за нови проширувања; алтернативните форми на интеграција да добијат предност пред полноправното членство.
Тоа не би претставувало формален крај на европската перспектива, но би ја оддалечило временската рамка за членство.
Имено, победа на Марин Ле Пен не би значела автоматски прекин на политиката на проширување, но речиси сигурно би ја променила нејзината динамика. Наместо проширувањето да стане инструмент за геополитичко зацврстување на Европа, фокусот би можел да се префрли кон консолидација на Унијата и заштита на националните интереси на земјите членки.
За кандидатите од Западен Балкан тоа би значело подолг, покомплексен и политички понеизвесен пат кон членство. Во такво сценарио, клучното прашање повеќе не би било само дали кандидатите ги исполнуваат условите туку и дали Европската Унија – под силно влијание на Париз – ќе има политичка волја да продолжи со проектот на проширување! Р.С.


Аналитичка проекција:

Како би изгледала политиката на проширувањето доколку Марин Ле Пен (или заменикот Бардела) стане претседател?

 

Иако претседателот на Франција не може самостојно да ја диктира европската политика, неговото влијание е огромно. Хипотетички, доколку Бардела победи во 2027 година, можно е да се очекуваат неколку политики.

1. Значително забавување на процесот
Франција би можела многу построго да ги толкува критериумите за членство. Тоа не би значело формално блокирање на преговорите, туку нивно значително пролонгирање преку барање дополнителни услови и проверки.

2. Инсистирање на претходни реформи во ЕУ
Ле Пен и Бардела повеќепати истакнуваат дека „Унијата прво мора да стане поефикасна“. Во такво сценарио, Париз би можел поенергично да бара од Брисел институционални реформи; промена на начинот на гласање; редефинирање на европските политики; ограничување на надлежностите на европските институции…
Практично, проширувањето би било условено со претходна реформа на самата Унија!

3. Модел на „Европа во повеќе концентрични кругови“
Можно е Франција под Ле Пен да промовира алтернативни модели наместо полноправно членство. Тоа би можело да подразбира пристап до единствениот пазар; економска интеграција; учество во одредени европски програми; без право на глас во европските институции.
Такви идеи веќе кружат во европските дебати и би можеле да добијат дополнителен политички импулс.

4. Заштита на француските економски интереси
Партијата на Ле Пен и Бардела, имено Националниот собир, особено ја потенцира „заштитата на француското земјоделство“!.
Со приемот на Украина, но и на други земји со силен аграр, Франција би морала да дели значително поголем дел од европските земјоделски субвенции. Тоа претставува една од најсилните домашни политички аргументации против брзото проширување!

5. Поголема улога на националните парламенти
Ле Пен (и Бардела) се залага за враќање на одлучувањето кај земјите членки. Можно е Франција да инсистира секое ново проширување да биде проследено со национални ратификации или дури со референдуми. Тоа дополнително би го усложнило и забавило процесот.
Тогаш логично се поставува прашањето и дали Ле Пен би можела сама да го запре проширувањето. И одговорот е сосема дециден – не! Процесот на проширување е регулиран со европските договори и бара едногласност меѓу сите земји членки. Но, сепак има едно големо -но!
Имено, во тој контекст Франција е една од политички највлијателните членки на Унијата. Доколку Париз заземе резервирана позиција, практично многу е тешко да се замисли брзо проширување. Историјата покажува дека француските позиции честопати стануваат европски позиции. Р.С.


Три можни патишта за евроинтеграциите по француските претседателски избори во 2027 година

Од забрзано проширување до „Европа во повеќе концентрични кругови“

Европската Унија веќе не ја води дебатата за проширувањето само низ призма на тоа дали земјите кандидати ги исполнуваат Копенхашките критериуми. Сè поочигледно е дека иднината на европската интеграција ќе зависи и од политичките промени во самите земји членки, особено во Франција и Германија. Во таа смисла, француските претседателски избори во 2027 година би можеле да претставуваат една од најзначајните политички пресвртници за идниот правец на Унијата.
Во моментов може да се согледаат три различни сценарија, секое со различни последици за земјите од Западен Балкан, па и за Украина, Молдавија и другите кандидати., во светлината на претседателските избори во Франција:

1. Проевропско сценарио

Првото е проевропско сценарио, во кое на власт во Франција би дошол либерален претседател што, како досега, ќе ја продолжи ваквата линија на поддршка за европската интеграција. Во таков развој, проширувањето би останало еден од главните геополитички инструменти на Европската Унија. Во услови на продолжена безбедносна нестабилност на европскиот континент, приемот на нови членки би се гледал како инвестиција во долгорочната стабилност, а не како финансиски товар. Тоа не би значело автоматско или забрзано членство, туку би значело јасна политичка волја процесот да продолжи без нови блокади од клучните европски престолнини. Но, за Македонија ова би значело голем притисок од Париз и Брисел за прифаќање на францускиот предлог на Макрон и вториот протокол со Бугарија, заради кое неприфаќање Македонија е блокирана на својот евроинтегративен пат, а уставните измени и билатералните отстапувања станаа „услов без кој не се може“ за Македонија во понатамошниот евроинтегративен пат.

2. Второ сценарио: Европско проширување „под рачна кочница“

Второто сценарио е она што аналитичарите сè почесто го поврзуваат со можноста за победа на Марин Ле Пен. Иако не се залага за напуштање на Европската Унија, Ле Пен има визија што подразбира суштински поинаква ЕУ – со посилни национални држави, помали овластувања на Брисел и значително поголема претпазливост кон приемот на нови членки. Во таков модел, проширувањето не би било целосно запрено, туку би станало многу побавно, построго условено и тесно поврзано со претходни институционални реформи во самата Унија. Прашањето не би било само дали кандидатите ги исполнуваат критериумите туку и дали Европската Унија е подготвена за нивно членство.

Емануел Макрон / Фото: ЕПА

3. Комбинирано сценарио на европско проширување

Постои и трето, компромисно сценарио, кое во последните години добива сè поголемо внимание во европските политички кругови. Наместо класичниот моделот на преговори, отворање-затворање на поглавјата и полноправно членство, би се развивал систем на постепена интеграција. Земјите кандидати би можеле фазно да се вклучуваат во европските политики и да добиваат пристап до единствениот пазар, до европските фондови и до одделни институционални механизми уште пред формално да станат членки. Таквиот пристап има цел да го зачува кредибилитетот на проширувањето, но истовремено да ги ублажи стравувањата на дел од сегашните членки дека Унијата пребрзо се шири. Токму ова сценарио денес се смета за најреалистична средина меѓу двете спротивставени визии. Од една страна, постои свеста дека Европа, во услови на нови геополитички предизвици, не може да си дозволи да ги оттурне земјите кандидати. Од друга страна, растечкиот евроскептицизам, миграциските прашања, економските притисоци и институционалните слабости создаваат резервираност кон нови големи проширувања.
Оттука, иднината на европската интеграција сè помалку ќе зависи исклучиво од реформите во Скопје, Тирана, Сараево или Киев, а сè повеќе од политичките одлуки што ќе се носат во Париз, Берлин и другите европски престолнини.
Француските избори во 2027 година, во таа смисла, нема да бидат само национален политички настан!
Тие би можеле да станат референца за тоа дали Европската Унија ќе остане верна на стратегијата на проширување како средство за обединување на континентот или ќе се сврти кон подолг период на внатрешна консолидација, во кој приемот на нови членки ќе биде ставен во втор план.
За земјите од Западен Балкан ситуацијата е повеќе од јасна. Европската перспектива повеќе не зависи само од исполнувањето на реформските обврски. Таа сè повеќе ќе биде условена од политичката клима во самата Европска Унија, каде што изборите во големите земји членки може да имаат речиси исто толку силно влијание врз процесот на проширување колку и реформите што ги спроведуваат самите кандидати.
Токму затоа 2027 година би можела да претставува пресвртна точка не само за Франција туку и за идната архитектура на Европската Унија и за европската перспектива на целиот регион. Р.С.


Од редакциски агол

Македонија пред француската раскрсница

Кога нѐ стега францускиот клуч

 

Во европската политика одамна важи правилото дека не постојат трајни гаранции, туку само трајни интереси. Поаѓајќи од таа премиса, Македонија денес се наоѓа во најнеповолна можна позиција од почетокот на својата европска интеграција. Не затоа што Европската Унија се откажала од проширувањето, туку затоа што и двете најреални визии за нејзината иднина носат сериозни ризици за македонската европска перспектива. Парадоксално, но вистинито.
На прв поглед, проевропското сценарио и сценариото на евроскептичен пресврт изгледаат како две спротивности. Но кога се анализираат низ призмата на македонските интереси, тие водат кон ист заклучок – Македонија останува под силен притисок, само со различни средства. Еве како…
Ако во Франција и во другите клучни европски држави преовладаат политички сили што силно го поддржуваат проширувањето, тогаш Брисел ќе има уште поголем мотив да ги деблокира процесите што со години стојат во место. Но, токму тука започнува новата македонска голгота. Во такво сценарио, притисокот врз Скопје најверојатно нема да биде насочен кон создавање нова рамка за преговори, туку кон целосно спроведување на веќе договорената (катастрофална, деноминирачка, културоцидна…) рамка. Тоа подразбира исполнување на обврските преземени со сѐ уште актуелната преговарачката рамка, со вториот протокол, вклучувајќи ги и уставните измени, како и продолжување на процесот предвиден со билатералните механизми меѓу Скопје и Софија. (?!)
Од перспектива на европските институции, тоа би било прашање на почитување на веќе преземените обврски. Од перспектива, пак, на значителен дел од македонската јавност, таму дефинитивно станува збор за најчувствителни прашања што навлегуваат во сферата на националниот идентитет, историските толкувања и политичкиот суверенитет. Оттаму и чувството дека политиката на условеност, која некогаш требаше да биде инструмент за реформи, постепено се претвори во механизам што сè повеќе се поврзува со билатерални спорови.
Но дали алтернативата (другата, втора опција – „европроширување под рачна кочница“) би била поповолна?
Не нужно.
Ако Европа тргне по патот на поголем евроскептицизам, ако во клучните држави зајакнат политички сили што ќе бараат забавување или преиспитување на проширувањето, тогаш Македонија би можела да се соочи со поинаков, но не и полесен предизвик. Во таков случај дури и целосното исполнување на условите не би значело извесен напредок. Фокусот на Унијата би се префрлил кон сопствените институционални реформи, буџетските ограничувања, миграциските политики и внатрешната консолидација. Проширувањето би станало секундарен приоритет.
Ете, тоа е резонот за постоењето на македонскиот евроинтегративен парадокс. Власта што ги склучи меѓународните договори и ги прифати рамката и протоколите нѐ донесе во ситуација „угоре високо, удолу длабоко“.

Имено, во првото сценарио притисокот се засилува за да се исполнат сите поставени услови. Во второто условите можеби и понатаму ќе треба да се исполнуваат, но без јасна гаранција дека политичката волја за прием ќе постои во скора иднина.
Со други зборови, Македонија е доведена во ситуација во која и динамичното и забавеното проширување носат сериозни неизвесности. Во едниот случај, ризикот е цената што треба да се плати за продолжување на процесот. Во другиот, ризикот е процесот да остане замрзнат без оглед на направените отстапки и реформи.
Токму затоа македонската европска политика повеќе не смее да се темели на тоа дека треба да се прифатат бриселските условувања. Не, не треба повеќе отстапки! И тука треба да бидеме национално и државно унисони!
Историјата на последните две децении покажува дека секој нов геополитички контекст создава нови правила, нови услови и нови политички реалности. Она што вчера изгледало како конечен компромис, денес повторно станува предмет на нови барања.
За Македонија најголемата опасност не е ниту проевропското ниту евроскептичното сценарио. Најголемата опасност е да остане држава што постојано се приспособува на наметнати и променливи околности, без јасна европска извесност како противтежа на тие отстапки.
Да. Европската Унија има право да поставува критериуми. Тоа е суштината на политиката на проширување. Но исто така Европската Унија има обврска тие критериуми да бидат предвидливи, еднакво применливи и засновани на јасни правила.

Во спротивно, политиката на условеност го губи својот реформски кредибилитет и почнува да се доживува како процес во кој целната линија постојано се поместува.
Затоа, вистинската дилема за Македонија денес не е дали повеќе ѝ одговара едното или другото европско сценарио. Вистинската дилема е дали Европската Унија ќе успее да ја зачува довербата дека проширувањето останува процес заснован на принципи, а не на променливи политички расположенија.
А додека тој одговор сè уште не е даден, за Македонија останува чувството дека, без оглед на тоа кој модел ќе надвладее во Европа по 2027 година, простор за лесни избори речиси не постои. За една држава што повеќе од две децении ја гради својата стратешка ориентација кон членство во Унијата, тоа е можеби најтешката политичка констатација од сите.