Од скопската општина Аеродром информираат дека деновиве се извршила пролетната дератизација на целата нивна територија. Акцијата опфатила околу 3.000 шахти со 9.000 мамки. Во акцијата се вклучени и основните училишта и детските градинки на територијата на оваа локална самоуправа.

Претходно, иста акција беше спроведена и во општината Кисела Вода, каде што постапката за уништување на глодачите опфатила 3.863 шахти во урбаните и руралните делови на општината. Во оваа општина, дератизацијата е спроведена од страна на приватна фирма, во соработка со јавното претпријатие „Водовод и канализација“, преку секторот за комунални работи, инфраструктура, сообраќај и заштита на животната средина. Од Кисела Вода велат дека вакви акции се спроведуваат двапати годишно, напролет и наесен.