Сензорна соба или ресурсна просторија добија учениците со посебни потреби, а собата е дел од просториите на ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае. Заслужни за нејзиното отворање се општината Карпош и здружението на граѓани „Дајте ни крилја“, кои идејата ја реализираа преку остварената соработка. Целта на сензорната соба е да го олесни воспитно-образовниот процес на учениците со попреченост при процесот на следење на наставата. Просторијата е опремена со сензорно осветлување, дидактички материјали, односно играчки, коцки и сложувалки, таблет, телевизор и други посебни реквизити.

Според градоначалникот Стефан Богоев, на овој начин се покажува дека е можна вистинска соработка меѓу локалната самоуправа и граѓанските организации.

– Како што напоменав пред неколку дена, нашата цел е 365 дена во годината да водиме грижа за лицата со попреченост и да ги подобруваме условите во кои престојуваат и се образуваат. Во април склучивме меморандум за соработка со здружението „Дајте ни крилја“, а денеска ја активираме оваа просторија, која на вистински начин ќе им помогне на учениците со попреченост од ова училиште – рече Богоев.

Ваква соба неодамна беше отворена и во ООУ „Јан Амос Коменски“, а следно училиште што ќе добие ваков тип просторија, која ќе биде трета по ред, е ООУ „Владо Тасевски“, во Козле, информираат од општината Карпош.