Советот на Општина Карпош ги усвои извештаите за годишните програми за работа што ги реализираа секторите и одделенијата од локалната самоуправа во текот на 2020 година. Поточно, станува збор за 15 темелни програми од областа на урбанистичкото планирање и уредување на градежното земјиште, екологијата и енергетската ефикасност, развој на Општината, образованието и културата, спортот, детската, социјалната и здравствената заштита.
Со истата динамика беа усвоени извештаите за реализираните програми за активностите на Општината од областа на информатичката технологија, заштитата и спасувањето на граѓаните и материјалните добра, развојот на месната самоуправа, како и за еднаквите можности меѓу мажите и жените и програмата за односи со јавноста.
Со 13 гласа за, пет против и еден воздржан, советниците од Карпош дадоа зелено светло за студијата за оправданост за воспоставување на моделот ЕСКО на јавно-приватно партнерство, во чии рамки ќе биде реконструирано јавното осветлување во Општина Карпош. Во иста насока беше изгласана предлог-одлуката за утврдување на референтната потрошувачка и условите на експлоатација на електрична енергија за јавно осветлување. Со оваа одлука ќе бидат заменети сите светилки на територија на Општината со штедливo ЛЕД-осветлување. На овој начин, преку намалена потрошувачка на енергија и намалени емисии на јаглерод диоксид во воздухот, се унапредува животната средина.

Советниците од Карпош ја прифатија иницијативата за изменување и дополнување на статутот на Општината според која се формира партиципативно тело од областа на урбанизмот. Овој орган ќе ги пренесува ставовите и мислењата на граѓаните и на правните лица во процесот на урбанистичкото планирање, ќе ги следи состојбите и ќе дава иницијативни насоки и сугестии во процесот на планирање и подготвување плански решенија за Општината.
Во рамките на 52-та седница, советниците гласаа позитивно по предлог-одлуката за субвенционирање ужинки за учениците во општинските основни училишта на Општина Карпош. Со оваа одлука се утврдува субвенционирање на ужинките за учениците од прво до трето одделение во основните училишта на Општина Карпош за учебната 2020/2021 година и субвенционирање на ужинките за учениците од прво до деветто одделение за учебната 2021/2022 година во висина од 50 отсто од износот на месечниот надоместок.