Шилегов ја предлага 2020-та за година на Славко Јаневски

Оваа 2020 година да биде прогласена за година на Славко Јаневски, ќе предложи градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на наредната седница на советот, а во чест од стогодишнината од неговото раѓање. Тој смета дека ова е само еден доказ дека градот Скопје се грижи и ги вреднува нашите вистински вредности.
– Во текот на целата година, градот ќе организира и ќе поддржува низа активности во чест на овој наш голем творец. Меѓу другото, предвидена е голема изложба за ликот и делото на Јаневски, поддршка на реиздавањето на неговите дела и именување улица. Еден од скопските ѕидови ќе го краси мурал во негова чест. Активностите за одбележување на овој голем јубилеј почнуваат уште денеска, со поетското читање насловено „Произведувачи на зборот“ во Културно-информативниот центар, со почеток од 19.30 часот, на кое ќе се обрати претседателката на Советот, Љубица Јанчева – информираа вчера од градот.

Без струја утре делови од неколку општини

Од Регионалниот центар за управување со кризи известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат некои од жителите од општините Ѓорче Петров, Гази Баба, Чучер Сандево и Студеничани. Седум часа без електрична енергија ќе бидат некои од жителите на општината Ѓорче Петров, а петчасовен прекин во снабдувањето со струја ќе имаат некои од жителите на Чучер Сандево, додека шестчасовен прекин ќе има во дел од општината Студеничани.
Во општината Ѓорче Петров од 8 до 15 часот ќе нема струја за некои од корисниците од улиците Христо Батанџиев, Јосиф Ковачев и Мајски манифест. Од 9 до 14 часот без електрична енергија ќе бидат и некои од корисниците од селото Мирковци. Исто така, во периодот од 9 до 15 часот без напојување со електрична енергија ќе останат корисниците од улицата 1 во селото Булачани, како и некои од жителите од селото Батинци, на потегот од хотелот „Беровиќ“ до влезот во селото Љубош.

Нови пешачки патеки и рабници на улицата Иван Аговски

Општината Карпош започна зафати за обнова на пешачките патеки по должината на улицата Иван Аговски во урбаната заедница Карпош 1. Со градежните активности на оваа сообраќајница се прави и реконструкција на рабниците по должината на тротоарите и истовремено се редат павер-елементите.
Надлежните велат вакви реконструкции ќе преземат и на сообраќајници во другите населби, а за планираните зафати во буџетот за 2020 година општината предвидува 10 милиони денари. Од локалната самоуправа велат дека продолжуваат со секојдневните активности за зголемување на безбедноста на движење на сите учесници во сообраќајот.