Општина Центар за општинските основни училишта обезбеди донација од илјада книги на македонски и на англиски јазик. Оваа акција ја иницира во соработка со шест издавачки куќи, книжарници и компании од земјава што донираа и обезбедија соодветна литература од светски и од македонски автори за учениците од осумте основните училишта во Општина Центар.
– Имајќи ја предвид новонастанатата ситуација предизвикана од глобалната здравствена криза и од вонредните околности што наметнаа онлајн учење во училиштата и секојдневно користење на дигиталните платформи за комуникација, оваа иницијатива претставува дополнителна мотивација за учениците да читаат и да го надградат своето знаење со книги и изданија од светски и од македонски автори. Би сакал да им се заблагодарам на сите општествено одговорни компании што дадоа поддршка на нашата иницијатива за збогатување на книжевниот фонд во училишните библиотеки во Општина Центар – изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.